1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Клинсман сменет, Волфсбург совладан

Јирген Клинсман веќе не е тренер на Бајерн, по поразот во Минхен од Шалке. Прекината победничката серија на Волфсбург. Пет екипи се борат за титулата, исто толку за опстанок во лигата.

default

Клинсман заминува, Хајнкес го презема кормилото на Бајерн

Смената на тренерот на Бајерн ги стави во втор план инаку интересните настани во 29 коло на фудбалската Бундеслига. „По последните резултати, раководството на клубот смета дека е загрозено остварувањето на минималните цели за оваа сезона и поради тоа се реши на овој чекор“, се вели на интернет-страницата на фудбалскиот клуб Бајерн за смената на Kлинмсан. Решението било донесено во саботата, веднаш по пoразот од Шалке, а денес му било соопштено на Клинсман. За него Бајерн беше прв клуб како тренер. Претходно ја водеше репрезентацијата на Германија со која на светското првернство во 2006 го освои бронзениот медал. Тој опстана само десет месеци или точно 302 дена како тренер на Бајерн, каде го наследи Отмар Хицфелд. Се’ до последен момент веруваше дека ќе го води тимот до крајот на првенството: „Не верувам дека треба да сум загрижен за мојата иднина, оти не станува збор за мојата личност, туку за Бајерн, за во наредната година како само по себе разбирливо, да игра во Лигата на шампионите“, изјави Јирген Клинсман по средбата со Шалке.

Раководството на клубот се реши во последните пет кола да му го додели водењето на тимот на Јуп Хајнкес како преодно решение. Тој веќе беше тренер на Бајер во периодот помеѓу 1987 и 1991 година.

Волфсбург го губи здивот во трката за титулата?

Fußball Bundesliga Energie Cottbus - VfL Wolfsburg

Димитар Рангелов го слави голот со кој го доведе Енерги во водство против Волфсбург

Десет кола последовно Волфсбург бележеше само победи, со што постави рекорд во историјата на лигата, но е запрен на гостувањето кај екипа која грчевито се бори за опстанок, Енерги во Котбус. Вчерашниот пораз дојде за Волфсбург во најнезгоден момент, кога со оглед на резултатите на конкурентите можеше да направи предност од пет бодови на само пет кола до крајот. Тренерот Феликс Магат за причините за поразот вели: „За разлика од минатото, кога многу ефикасно ги реализиравме нашите шанси, денеска не ни успеа да искористиме некоја од големите шанси што ги создадовме. Причина за тоа од една страна веројатно е нашата слабост, а од друга, многу расположениот голман Герхард Тремел, па ние заслужено сме поразени“.

Од поразите на Бајерн, Волфсбург и на Хамбургер - во Дортмунд од Борусија со 2 спрема 0 - профитираа Херта и Штутгарт. Херта се врати со три бода во Берлин од гостувањето кај Хофенхајм, и сега е на второ место со 55 бодови - два помалку од Волфсбург. Кон групата тимови со 54 бодови, предводена од третопласираниот Бајерн, се приклучи Штутгарт, кој го совлада Ајнтрахт Франкфурт со 2 спрема 0 и дури го прескокна Хамбургер благодарение на подобрата гол-разлика. Сиве овие пет екипи се во рамноправна трка за титулата и првенството, изгледа, ќе има како ретко кога драматична завршница.

„Сламка на спасот“ - 16 место на табелата

Fußball Bundesliga Borussia Mönchengladbach - Arminia Bielefeld

Борба за „гол“ прволигашки живот: сцена од натпреварот Борусија (М) - Арминија

Пет екипи се борат и за опстанок во лигата. Последните две екипи директно ќе испаднат, 16-пласираниот има шанса да остане во лигата, оти ќе игра квалификационен дуел со третопласираниот тим на крајот на првенството во втората лига. Бохум е во најповолна позиција, и покрај поразот до Вердер во Бремен со 3 спрема 2 - се наоѓа на 14 место на табелата и има 28 бодови. За Енерги трите бодови од дуелот со Волфсбург на крајот можат да имаат пресудно значење - тимот од Котбус е 15-ти со 26 бодови. Дуелот на директно загрозените Борусија Менхенгладбах и Арминија остана без победник - 1 спрема 1. Остана и предноста од еден бод на Арминија, која е на 16 место. Тренерот Михаел Фронцек вели: „Секако ќе биде густо до самиот крај. Тоа, всушност, го знаевме уште од првото коло. Сакаме да останеме прибрани до крајот и ако тимот се претстави како денеска, секогаш ќе застанам пред него - луѓето можат да кажат што сакаат, но тимот даде се’ од себе“.

Победата против фаворизираниот Баер во Леверкузен со 1 спрема 0 ги оживеа шансите и надежите на Карлсруер, дека сепак уште не е се’ загубено. „Многу важна победа. Моравме безусловно еднаш да победиме и на гости против играчки силна екипа. Фала Богу, тоа ни успеа денес со среќно постигнатиот гол. Во овој случај сме наградени за она што го вложувавме и на претходните натпревари“, рече Едмонд Бекер, тренер на Карслруер. Неговиот тим и натаму е на последното место, но сега на само два бода разлика до Борусија Менхенгладбах, три до Арминија и четири до Енерги. Енерги и Карлсруер до крајот три пати играат дома, два на гости, другите конкуренти обратно.

Сите грижи околу опстанокот ги расчисти Хановер со победата над Келн со 2 спрема 1, и им се приклучи на Ајнтрахт и на Келн во групата од 11 до 13 место со по 32 бода. За тие екипи нема посебни, освен чисто спортски мотиви во преостанатиот дел на првенството.

Шалке и Борусија Дортмунд, на 6 место и 7 место, водат борба за место во Купот на УЕФА. Обете екипи имаат по 49 бодови - пет помалку од Хамбургер, последниот во челната петорка. Сосем растоварени првенството можат да го доиграат Хофенхајм на 8 место со 45 бодови, Бајер Леверкузен зад него со 42 и десеттопласираниот Вердер, кој има 39 бодови.

Автор: Кале Копс / Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска