1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Клинсман е нов шеф на стручниот штаб на германската фудбалска репрезентација

Германија може да здивне – проблемот што ја преокупира овдешната јавност во изминатите повеќе од 4 недели конечно е решен: фудбалската репрезентација доби нов шеф на стручниот штаб - Јирген Клинсман. 39-годишниот Клинсман ќе ја води репрезентацијата две години, заклучно со светското првенство 2006-та, што ќе се игра во Германија.

Новиот германски селектор Ј. Клинсман

Новиот германски селектор Ј. Клинсман

"Германскиот фудбалски сојуз и Клинсман се договорија тој да потпише двегодишен договор, но сега ќе треба да се водат натамошни разговори. Наредниот ќе биде меѓу Клинсман и Холгер Озик”, објави портпаролот на сојузот Харалд Штенгер. Озик треба да биде тренер, а во штабот ќе биде и екс-репрезентативецот Оливер Бирхоф во функција на менаџер на репрезентацијата. Клинсман треба со нив до средината на неделава да ги расчисти прашањата за компетенциите. Тој, наводно, за двегодишната работа треба да добие 5 милиони евра – од Сојузот е речено само дека примањата на сите тројца се во рамки “соодветни на нивните задачи”.

Изборот на шефот на стручниот штаб на репрезентацијата наиде на поделени реакции меѓу експертите. “Сметам дека е тоа добро решение – тоа беше мојата прва помисла, зашто Јирген Клинсман имаше величествени остварувања како фудбалер, па оттука ја има и нужната стручна компетенција” – рече Отмар Хицфелд, доскорешен тренер на Баерн Минхен и најпосакуван кандидат за селектор, кој ја одби понудата. Руди Асауер, менаџер на прволигашот Шалке, не е задоволен: “Решение од нужда, седми-осми избор”. Менаџерот на шампионот Вердер и некогашен репрезентативец Клаус Алофс е резервиран: “Сметам дека некој кој е поблизу до практиката, некој како Ото Рехагел, би бил добро решение”.

Јирген Клинсман несомнено е миленик на публиката. Отсекогаш е сметан за еден од најсимпатичните фудбалери, реален и скромен. Кариерата ја започна во Штутгартер Кикерс, потоа играше за Штутгарт, Баерн Минхен,Милано, Џенова, Монако и Тотенхем. Во германската репрезентација настапи 108 пати, носител е на титулата светски првак од 1990-та, беше капитен на селекцијата на Германија која ‘96-та стана европски првак. Со Баерн наредната година стана првак на Германија, два пати беше прогласуван за фудбалер на годината во Германија, еднаш во Англија. По крајот на кариерата како играч во 1998-ма година не седна на тренерска клупа, туку се пресели во САД и водеше семеен живот како сопруг и татко на две деца. За разлика од претходниот селектор Руди Фелер, тој има тренерска лиценца, навистина добиена по еден експресен курс во 2000-та година организиран за повеќемина заслужни репрезентативци. Неодамна, за време на европското првенство во Португалија, Клинсман остро ги критикуваше овдешните фудбалски функционери и бараше радикални реформи. Пред почетокот на преговорите со Германскиот фудбалски сојуз за функцијата шеф на стручниот штаб Клинсман нагласи: “За мене е важно едноставно да видам дали Сојузот ќе се отвори во некои области, дали ние ќе се отвориме за да кажеме: ’Фрламе поглед во светот за да видиме какви програми од областа на фудбалот има таму, како работат другите сојузи, како работат успешните клубови?‘ Секогаш е добар совет да се погледа насекаде и да се учи. Значи, ние сме тука за да учиме”.