1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Клима и развој: ОН предупредуваат

Неколку дена пред почетокот на светската конференција за климата на Бали, Обединетите нации апелираа до учесниците да усвојат задолжителни мерки во битката против штетните гасови. Повод е извештајот за развојот во светот

default

Слика што му се заканува на целиот свет

Клучниот заклучок: од сегашното зголемување на температури најмногу страдаат сиромашните земји. Ако се сака да се спречат катастрофалните прогнози содржани во актуелниот извештај за развојот во светот, тогаш на човештвото не му останува многу време. За да се избегнат таквите последици, до 2050 година задолжително треба да се редуцираат емисиите на штетните гасови за 80 проценти. Податоците во извештајот на Обедиентите нации предупредуваат на тоа дека само во Африка последица би била голема суша на една страна, и поројни дождови на друга, што би уништиле половина од земјоделското производство. Авторите на извештајот укажуваат и на уште потемна слика. На една од најважните причини за тоа укажува Гвидо Шмит-Трауб од развојната програма на Обединетите нации:

„Има показатели што укажуваат на уште полоши последици, зашто Советот за клима не го зел предвид влијанието на зголемените температури врз растењето на билките. Ако тоа се направи, треба да се очекува производството во африканското земјоделство да биде уште помало. Тоа би имало катастрофални последици за битката против сиромаштијата токму на тоа подрачје„.

Пораст на температурите за повеќе од два степена би можело да води кон глад на нови 600 милиони луѓе во Африка, додека од поплави би страдале преку 200 милиони. Дополнително од болести, како маларија, би биле погодени 400 милиони луѓе. За одбрана од сето ова, потребни се дополнителни финансиски средства. Во тоа водечка улога треба да преземат индустриските земји, бара германската министерка за економска соработка и развој Хајдемари Вичорек Цојл:

„Пред се станува збор за соработка во подрачјето на технологијата. Од разговорите во заедничките форуми што ги имаме со африканските земји, таму постои голема потреба од енергија. Причините се очигледни: имаат развој меѓу 5 и 7 проценти и потребен им е пристап до енергија. Од тие причини е потребна и одржлива енергетска инфраструктура„.

Под тоа германската министерка подрабира обновливи енергии. Дека земјите во забрзан развој и натаму засилено бараат природни горива, на Вичорек Цојл и е јасно:

„Прашањето не е дали ќе се развиваат и натаму и дали поради тоа секој втор ден ќе пуштаат во погон термоцентрала, туку дека тоа го прват. И тоа при население од милијарда и 300 милиони како во Кина. Од тие причини итно е потребна соработка како со Кина, така и со Индија„.

Колкав е предизвикот за човештвото покажуваат и големиот број статистички податоци. Застрашувачки податоци, како што вели Гвидо Шмит-Трауб:

„Една статистика што ми остави посебен впечаток е дека 19-те милиони луѓе што живеат во Њујорк, исфрлаат повеќе штетни гасови од 760 милиони луѓе што живеат во најсиромашните држави во светот. Токму тоа е решавачкото: најважен аспект на целата клима - состојба е што еднаш исфрлените гасови во атмосферата се задржуваат најмалку 100 години„.

Она што е сосема јасно е дека најголемата одговорност лежи врз индустријализираниот свет. Има пари и технологија.