1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Климата не се затоплува, туку се лади?

Температури под нулата во Западна Европа се‘ до април - зимата како што изгледа нема крај, а и глобалниот пораст на температурите се чини забавува. Дали светот е соочен со заладување, а не со затолување на климата?

Ако се земе предвид просечната температура, во последните 15 години се забележува исправање на кривата која ја прикажува глобалната температура. „Во последната деценија новото затоплување беше мало“, вели Ед Хокинс од британскиот Универзитет Ридинг во разговор за ДВ. Тој нагласува дека ваквиот развој не е сосема неочекуван. „Уверени сме дека испуштањето ЦО2 од страна на човекот е одговорно во голем дел за затоплувањето во последните 150 години“, вели британскиот научник. И во 1960-тите и 1970-тите имаше времиња кога температурите се намалуваа.

Хокинс е на мислење дека исправањето на температурната крива може да се должи и на природните промени. Во определен период се случуваат промени во океанот. Хокинс претпоставува дека затоплувањето во последните години било апсорбирано во длабочината на океанот, во рамките на природното кружење, така што тоа не можело да се измери на површината.

Друга можна причина, според Хокинс, е зголеменото горење на јаглен во земји како Кина и Индија. Ситната прашина во атмосферата која е резултат на тоа согорување би можела да ја лади Земјата, со тоа што го рефлектира назад во вселената сончевото зрачење. Се‘ уште не може да се каже дали сегашното намалување на затоплувањето е дел од нормалните природни промени.

Краткорочните отстапувања не се мерило

Петер Лемке, раководител на одделот за клима на германскиот институт за поларни и морски истражувања „Алфред Вагенер“ (АВИ) предупредува дека кракоторчните петгодишни вредности не смеат да се земаат како мерило за развојот на климата. „За климатските процеси секогаш се набљудуваат 30-годишни периоди“, објаснува Лемке во интервју за ДВ. „А во последните 30

Symbolbild - Sommerzeit Winterwetter

Зима до април

години се забележува тренд нагоре.“ Лемке нагласува дека во последните 15 години температурата се зголемила, доколку притоа не се посматраат кратки временски периоди: „2010 година беше најтоплата година глобално, а 2005 исто така беше само нешто помалку топла. Температурите од 1978 година веќе не се нормални, туку се значително зголемени“, објаснува експертот за клима. Притоа, „нормално“ значи - во споредба со средната вредност од последните 30 години.

„Прашањето е - колку е чувствителен системот на климата на проблеми како зголемувањето на ЦО2?“, прашува Лемке. „Како се однесува климатскиот систем кон таквите проблеми, со дождови, зголемување на температурите или топење на мразот? Тоа е компликувано.“

А токму тоа е важно за оние кои треба да се подготват за промените на климата и на нив да се прилагодат. Според различни климатски модели, температурата во наредните 100 години би требало да се зголеми за 1,5 до 6 степени. Новиот извештај на Светскиот совет за климата (ИПЦЦ), кој треба да биде објавен во 2014 година, веројатно нема да може да го реши проблемот на разлики на проценките, кои се резултат на различни модели. Сепак, актуелното забавување на затоплувањето во никој случај не смее да биде причина за релаксирање и исклучување на алармот.

Затоплување на климата = студена зима?

Периодите на студ кои во Западна Европа би можеле да предизвикаат впечаток дека климата се лади се должат на стабилното подрачје на висок атмосферски притисок над Скандинавија, значи на метеоролошки феномен, а не на климатски. Глобално погледнато зимите станале потопли од нормалното, нагласува шефот на АВИ, Лемке.

Europakarte im freien Bildformat

Студот во Западна Европа годинава се должи на подрачјето на стабилен висок атмосферски притисок над Скандинавските земји?

„Интересното е што некои студии за климата покажуваат дека ваква состојба на стабилен висок атмосферски притисок над Скандинавија може да има почесто, ако мразот во Арктикот во летото и есента претходно бил значително редуциран“, објаснува Лемке. „Ваквата редукција на мразот го затоплува океанот, тој потоа топлината наесен ја предава во атмосферата, го попречува нормалниот начин на циркулирање и е причина за појава на подрачје на висок атмосферски притисок, кој е малку постабилен од вообичаено.“ Протегањето на мразот во арктичките води во 2012 година беше  рекордно мало. Долгиот период на студ пролетва се чини дека ја потврдува тезата на Владимир Петуков од Институтот за истражување на последиците од климата во Потсдам. Во студијата објавена во 2010 година, имено, овој научник констатираше: „Острата зима не противречи на сликата за глобално затоплување, туку може да се каже дека ја надополнува.“