1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Клер Холингворт, новинарката што ги откри Хитлеровите тенкови

Клер Холингворт, новинарката која јави за влегувањето на германските трупи во Полска во 1939 година, почина на 105-годишна возраст. Еве што за животот на првата воена репортерка вели нејзиниот биограф.

Клер Холингворт својата новинарска кариера ја почна на голема врата. На 1 септември 1939 година таа беше прва која јави дека германски трупи навлегле во Полска и со тоа прва го објави почетокот на Втората светска војна. Во тоа време имаше 27 години. Подоцна известуваше за сите големи конфликти и војни во светот и стана пример за новинарките. Холингворт е родена во 1911 година во Лестер, а почина во Хонгконг.

Нејзиниот внук, авторот Патрик Гарет, напиша книга за нејзиниот невообичаен живот: „Of Fortunes and War: Clare Hollingworth, first of the female war correspondents“.

ДВ: Господине Гарет, што доживеала Холингворт кога била пратена како репортерка во Полска, непосредно пред избивањето на Втората светска војна?

Патрик Гарет: Клер, во текот на едно патување во пограничното подрачје, го открила навлегувањето на германски тенкови неколку дена пред инвазијата. Во вторник, 29 август 1939 година, ја пишува својата прва насловна сторија за Дејли телеграф. Насловот гласи: „1000 тенкови стационирани пред полската граница. Десет дивизии се подготвени за брз напад“. И, потоа, на 1 септември, денот на нападот, во Катовице била разбудена од сон од грмењето на германските бомбардери и противвоздушната одбрана. На почетокот луѓето сѐ уште мислеле дека станува збор за вежби, поради тоа што состојбата била напрегната извесно време. Клер го информирала својот шеф во Варшава, кој од своја страна се јавил во полското Министерство за надворешни работи и побарал изјава. Министерството очигледно првпат од медиумите слушнало дека Полска е нападната. Министерството прво негирало дека нешто се случува, но среде телефонскиот разговор во Варшава се вклучиле сирените за воздушна одбрана и секој знаел што се случува. Иронично е што дури и Клер има сомнеж и мислела дека можеби е лажен аларм, со оглед на тоа што Полјаците толку долго верувале дека станува збор за вежба.

Kriegsberichterstaterin Clare Hollingworth mit Patrick Garrett in Hong Kong (Patrick Garrett)

Клер Холингворт во разговор со Патрик Гарет во Хонгконг

Дали била свесна за историската димензија на нејзините извештаи?

Прво размислувала дали нејзиниот весник ќе извади од печат вонредно издание. Подоцна признава - можеби ѝ било малку незгодно - дека не станала веднаш свесна за човечката димензија, за целата трагедија на една војна. Дури кога Велика Британија објави војна, таа почнува да го сфаќа целото значење на настаните. Тогаш почнува да се прашува дали нејзиниот дом наскоро ќе се претвори во куп урнатини.

Во текот на нејзиниот репортерски стаж таа е сведок на безброј војни и промени. Кои настани оставиле најголем печат врз нејзиниот новинарски живот?

Најголем печат на нејзиниот новинарски живот има оставено инвазијата на Полска. Покрај тоа, треба да се спомене и нејзиниот силен карактер. Таа секогаш сакаше да знае што се случува, секогаш да биде прва и постојано стравуваше дека ќе пропушти важни вести. Таа постојано ги распрашуваше луѓето за нешто што чула или видела. Врв на сѐ е неврозата дека мобилниот телефон би можел да се расипе, па постојано проверуваше дали е во ред. Таа рано го сфаќа и концептот на интернетот. Уште во 1980-тите е одушевена од првите онлајн-архиви на вести, кои ѝ овозможуваат да добие информации од секаде. Но, Клер не можеше да ја користи сосема модерната технологија за комуницирање. Кога доби свој компјутер беше речиси слепа и одвај беше во состојба да чита од екранот. Да беше родена подоцна, ќе станеше во секој случај „Твитер-џанки“.

Clare Hollingworth Kriegsberichterstatterin (unknown/Clare Hollingworth archive)

Пасошот на Клер Хелингворт до крајот на животот беше под нејзината перница во случај „да затреба“

Таа пред долго време пишуваше за работи кои сега стануваат сѐ поважни. Кога Доналд Трамп зборува за тоа дека САД би можеле да се дистанцираат од своите НАТО-сојузници, тогаш е тоа тема која Клер ја следи уште од 1960-тите. Таа беше во Израел кога државата се основаше и на Блискиот Исток за време на Втората светска војна. Таа пишуваше за тероризмот со религиозна позадина и поради тоа беше остро критикувана од некои научници. Дел од нејзините проценки за жал се покажаа како прецизни. Таа пишуваше колку ефикасни може да бидат индивидуални борци со едноставна тактика против една супер сила. И тоа го доживуваме на Блискиот Исток. Како дописник од Кина таа ги тематизираше можните тензии во Јужнокинеското море и Пацификот долго пред овие конфликти да станат дел од дневните вести.

Што се однесува до нејзиниот живот, нејзе ѝ беше важно да биде постојано дел од светот на вестите. Инсиситираше и натаму да го има својот пасош до перница, а чевлите до креветот - доколку се јави некој главен уредник и ја испрати во странство.