1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Клајст-депресивен и ексцентричен, војник и поет

Оваа година Германија одбележува 200-годишнина од смртта на Хајнрих фон Клајст, чудак, но и генијалец, кој и покрај краткиот животен век успеа да напише опус кој и денес спаѓа во самиот врв на германската книжевност.

default

Хајнрих фон Клајст

Во рамките на одбележувањата е предвидена изложба во Берлин „Клајст,: криза и експеримент“, како и цела низа концерти во неговиот роден град, Франкфурт на Одра.

Покрај Гете и Шилер, Клајст речиси никогаш немаше многу шанси: во текот на неговиот живот понекоја негова драма доживуваше изведба на сцена. Публиката и читателите никогаш не го сакаа и ценеа како неговите двајца наведени колеги. Дури ни во љубовта со жените немаше среќа. Хајнрих фон Клајст беше аутсајдер, чудак, но и генијалец, кој и покрај краткиот животен век успеа да напише опус кој и денес спаѓа во самиот врв на германската книжевност. Во Франкфурт на Одра се наоѓа музејот „Клајст“ кој има национално значење, финансиран е од покраината Бранденбург, градот Франкфурт и државата, за што државниот секретар за култура Бернд Нојман истакнува:

„Што се однесува на државата, таа презема одговорност за културата, за музејот Клајст, со тоа и за нашето културно наследство, во кое Клајст има посебно место“.

Heinrich von Kleist

Немирен дух и проблеми со семејството

Клајст е роден во Прусија, на 18 октомври 1777 година, во семејство со богата војничка традиција за која се очекувало дека тој ќе ја следи. На почеток така и било. По завршената воена школа и неколкуте години поминати во касарна, во близина на Потсдам, Клајст на општо згрозување на смејството во 1799 година побарал да биде отпуштен од војска. Амбициозен, но наводно исто толку и недисциплиниран, фон Клајст по војската заминува во Франкфурт на Одра, каде прво почнува студии по право, но набрзо ги заменува со студии по литература и донесува одлука својот живот да го продолжи како слободен писател. Тој често патува и во Франција, во Париз денови поминува по музеи. Истовремено и чита, првенствено Германци како Шилер, а посебно Кант, чии дела го турнале во потрагата по смислата на животот. Во таа фаза заминува во Швајцарија, на село, каде „никого не гледал, со никого не разговарал, не читал, туку времето го поминувал сам со себе“. Тука настанува неговата прва драма „Семејството Шрофенштајн“ како и првите страници на неговото најпознато дело „Скршен бокал“.

Kleist-Jahr 2011 Flash-Galerie

Напади на депресија

Следните години тој го напушта швајцарското село и патува по Европа „гонет од вештерки и чудовишта“, како што вели самиот. Се ределе се‘ поинтензивни напади на лудило и се‘ посилна депресија која на крајот на животот го доведува до нервен слом, при што ги спалува сите свои манускрипти. Во 1804 година, во еден од посветлите моменти, повторно се пријавува и стапува во служба во пруската армија, по што се сели во Кенигсберг. По поразот на пруската војска против Наполеон, Хајнрих фон Клајст е уапсен и осомничен за шпионажа, по што подолг период поминува во затвор. Таму ги пишува неколкуте нови дела, меѓу кои „Амфитион“ и „Пентесиле“. По излегувањето од затвор во 1807 година, Клајст доаѓа во Дрезден каде се‘ почесто пред публиката читал свои дела, а основа и литературно списание, кое набрзо згаснува. По тој неуспех и негативната критика од Гете за изведбата на „Скршениот бокал“, Хајнрих фон Клајст паѓа повторно во криза од која нема да се извлече.

Трагичен крај

Во 1810 година во Берлин повторно се обидува да издаде литературно списание, но поради цензурата доаѓа во судир со властите, по што тоа згаснува. Целосно финансиски уништен, без поддршка од семејството, кое во меѓувреме се одрекло од него, Хајнрих фон Клајст решава да си го одземе животот. Заедно со неизлечиво болната пријателка Хенриете Фогел, тој во 1811 година оди на Ванзе, прво ја убива неа, па потоа самиот себе си со пиштол.

Сепак, останува во сеќавањата, неговиот живот не бил залуден, како што истакнува еден посетител на неговиот музеј во Франкфурт на Одра:

„Од него може да се научи дека и во страдањата, животот продолжува натаму, и во најтешките моменти да се бара излез. Ме фасцинира Клајст, кој бил неверојатно интровертен, но се‘ она што го допирало и можеби повредувало, не го презентирал нанадвор, туку го акумулирал во прекумерна мелахнолија“.

Автор: ЖА/ЕМФ/Хајке Мунд/дв/дпа

Редактор: Симе Недевски