1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Класика во диско

За многу млади луѓе класичната музика не е интересна. На ова се спротивставуваат „Yellow Lounge" - вечерите. На нив младите може да ги слушаат кантатите на Бах во необична атмосфера.

default

Во „Cookies“во Берлин

Пригушено светло, видеопроекции на немалтерисаните ѕидови, млади луѓе, облечени во блузи со качулки и снејкерси пијат пиво. Клубот „Cookies“ е полн, иако е понеделник навечер. Но наместо електро-музика, преку звучниците во популарниот берлински клуб се слуша валцер. Додека некои од гостите опуштено се нишаат во три-четвринскиот такт, другите разговараат. „Класика во клуб“ е наречен концептот на „Yellow Lounge". Еднаш месечно младите може да ги слушаат ариите на Моцарт и кантатите на Бах за шест евра, и тоа во необична атмосфера. Забавите се одржуваат од 2003 година.

Луѓето уживаат во класиката

DJ Canisius

DJ Canisius

Еден од ко-основачите е DJ Canisius. Тој секогаш е зад пултот:„Класичната музика е елитарна. Но, со ова расчистува ’Yellow Lounge’. Луѓето тука излегуваат да уживаат во класичната музика, без притоа да прават некој голем настан. Згора на тоа, не мора да имаат познавања од класичната музика. Се’ е поопуштено отколку во традиционалните концертни дворани.“

DJ Canisius тоа добро го знае. Тој е виолинист по професија и свири во оркестар. За него „Yellow Lounge" е шанса да им ја приближи класичната музика на младите луѓе. И тоа не измешана со поп-ритми, туку чиста. Тој внесува промена и наместо да ги свири ариите и останатие дела во цела должина, издвојува различни делови и ги спојува едни на други. „Ако земам споредна тема од гудачки квартет и на тоа свирам симфониско дело, што воопшто не оди едно на друго, но музичката линија е слична, се создава нешто ново, што во еден момент буди љубопитност кај луѓето. Штом тие ќе ја доживеат фасинацијата, ние победивме.“

Изведба во живо

Врв на секоја „Yellow Lounge" - вечер е изведбата во живо. Секој пат настапува уметник и држи анплагт со класична музика и тоа со акустични инструменти. Гости во клубот веќе беа светски познати сопранисти и челисти. Во нивниот ред се запиша и моментално популарниот виолинист Даниел Хопе, кој настапи со неговиот петчлен

Daniel Hope, Geiger

Даниел Хопе

ансамбл. Облечени со фармерки и маици, музичарите речиси и да не се разликуваат од публиката, која цупка директно пред и до нив.

Околу петстотина присутни слушатели се воодушевени, ваква изведба на Вивалди се` уште не доживеале. Даниел Хопе ја обожува спонтаната реакција на публиката. Тој е еден од најдобрите виолинисти во светот и повеќепати настапувал на „Yellow Lounge". Тој точно знае што е дозволено во клубот, а што во концертната сала. „Смеам да и‘ се обраќам на публиката со ’ти’, што инаку никогаш не би го направил. Обратно и публиката не ме персира. Тоа значи отворена размена. Просториите се многу мали и полни и е неверојатно жешко, звукот не е како во концертна сала. Тој е сув и не е појачан. Тоа значи мора да се најде баланс, да се свири помеко, понежно.“

Анегдота за композиторот

Повеќето посетители на „Yellow Lounge" се лаици за класична музика. Даниел Хопе пред изведбата на секое дело раскажува по некоја анегдота за композиторот. Така, ненадејно стотици години старата музика станува повторно блиска. „Тоа што можеби не сте знаеле е дека Антонио Вивалди сакал да стане свештеник, но не успеал оти имал астма. Потоа стана учител по музика во дом за девојчиња-сираци. Тој ги подучуваше и од нив го направи најдобриот гудачки оркестар во целиот свет - цела Венеција одеше таму.“

Смеење за време на изведбата, пиење и аплауз - во „Yellow Lounge" се’ е дозволено. Токму тоа го сакаат гостите - класика без конвенции. Повеќето од младите за концерите дознаа преку т.н. усна пропаганда. „Yellow Lounge" не прави реклама. На тој начин забавите се обвиени со аура на таинственост, што наидува на позитивен одек. Редиците пред клубот од година во година се се’ подолги.

„Воодушевена сум.“

„Беше одлично, навистина неверојатно.“

„Нешто сосема поинакво.“

Во меѓувреме клаберите слушаат дело од Хендел. Една млада девојка со суканици го вади својот мобилен и типка по него - признава дека го запишува името на делото, за да не го заборави, оти сака да си купи ЦД, со сонати на Хендел.

Автор: Агил Чизмекоглу/Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска