1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Кичево - Локална етничка поделба и битка за гласови

Кичево со територијалното проширување пред локалните избори е партиски и меѓуетнички полигон. Со искуство на функцијата градоначалник е и кандидатот за градоначалник од ДУИ, како и заедничкиот од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Досегашните општини Зајас, Осломеј, Другово и Вранештица се припојуваат кон Кичево. Ова драстично ја смени етничката слика на регионот, па трката за градоначалник ќе е неизвесна. Кандидатот на ДУИ за градоначалник на Кичево Фатмир Дехари, досегашен градоначалник на општина Осломеј, очекува гласовите на целиот албански електорат да отидат на негово конто. Албанскиот политички блок нема друг кандидат. Со тоа неофицијално го поддржува Дехари. Во победничка еуфорија е и досегашниот градоначалник на Кичево Благоја Деспотовски. Во овие избори зад неговата кандидатура, освен ВМРО-ДПМНЕ, застана и СДСМ. Двете партии со коалиционите партнери во Кичево на избори одат и со заедничка советничка листа.

„Тоа народот одамна го бараше и еве дури сега се здруживме. Се надеваме дека коалицијата ќе ни донесе заедничка победа“, истакнуваат од штабовите на двете партии. Избирачкиот список за Кичево брои вкупно 48.075 гласачи.

Деспотовски: „Нови 1.000 работни места и нови инфраструктурни зафати“

Wahlkampfzentrale in Kicevo Mazedonien

Вчеравечер беше отворена заедничкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кичево

Во Кичево вчеравечер беше отворен заедничкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. На отворањето на штабот присуствуваа пратениците Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ и Игор Ивановски од СДСМ. При отворањето на штабот беше претстави заедничкиот кандидат за градоначалник Благоја Деспотовски, како и листата на советници од коалицијата „Кичевчани за Кичево“.

„Мотото „Кичевчани за Кичево“ не обединува сите, не обврзува, не повикува, на 24 март да излеземе на гласање и да прославиме за една историска победа на Кичево како важен и нераскинлив дел од Република Македонија. Политичките разлики тука се надминати во интерес на заедништвото на сите кичевчани“, изјави Милошоски.

Двете партии настапуваат заедно во Кичево зашто тоа е, рече Ивановски, од интерес на сите кичевчани.

„Ние тој интерес го почитуваме заради напредокот на градот, стабилноста на Кичево, мултиетничкиот карактер на општината и добрата работа на Советот и на локалната самоуправа. Сите членови на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат Деспотовски на изборите за градоначалник. Ги повикувам сите истовремено да гласаат и за заедничката советничка листа“, нагласи Ивановски.

„Кичево бил и мора да остане мирен и стабилен град, дом на сите наши граѓани. Во Кичево се почитувале и ќе се почитуваат и муслимани и христијани, се честитало и ќе се честита и Бајрам и Велигден“, вели Благоја Деспотовски за Дојче веле.

Blagoja Despotovski

Благоја Деспотовски, кандидат за градоначалник на Кичево од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ

„Изминативе четири години сработивме над 200 проекти од сите области на живеењето. Целосна ја реконструиравме улицата „Александар Македонски“ во центарот на градот. Изградивме уште две најдолги улици во Кичево и 80 други улици во сите градски населби. Изградени се над 12 киломтери канализација,10 километри водоводна мрежа, мостот Чифлик и индустриската зона Ивани дол – два. Легализиравме над 600 дивоградби, а уште толку чекаат легализација. Се’ што направивме, направивме за сите кичевци без разлика на нивната етничка припадност“, вели Деспотовски. Доколку победи на престојните избори тој ветува:

„Во првите неколку месеци заедно со Владата ќе се залагам за отворање на рудниците Стогово и Тајмиште и изградба на првите фабрики во технолошко–индустриската зона. За време на мандатот најавувам нови 1.000 работни места. Нови вработувања на млади и стручни лица од другите етникуми. Ќе се градат нови локални водоводи, патишта, училишта, ќе се реставрира Кичевското Кале. Ќе следи изградба на централен колектор и пречистителна станица за целата општина, нови спортски терени и кеј покрај реката Темница. Со новата територијална подлеба Кичево ќе стане поголема општина. По територија колку Битола, а по население колку Прилеп. Тоа ќе значи поголема обврска за сите нас. Но, и повеќе стопански можности и поголем буџет“, вели Деспотовски.

Дехари: „Кичево беше монета за поткусурување - крај на старите клишеа“

Fatmir Dehari

Фатмир Дехари, кандидат за градоначалник на Кичево од ДУИ

„Кичево го гледам како една убава, развиена средина без основни инфраструктурни проблеми што ги има денес, со рамноправни шанси за работа на сите без делби по ниту една основа, со чиста животна средина, со нови инвестиции и рестартирање на старите стопански капацитети“, вели Фатмир Дехари, кандидат за градоначалник од ДУИ.

Според Дехари, Кичево две децении останал неразвиен само поради фактот што служел како монета за поткусурување на политичарите, кои го сметале за „Lebensraum“ - живеалиште на еден етникум, не размислувајќи дека Кичево е заеднички добро на сите кичевци, без разлика од која нација, вера и боја на кожа се. Кичево е Европа во мало и за Кичево нема да важат старите клишеа, вели Дехари.

„Мој приоритет ќе биде уредување и изградба на депонија, регулирање на водата за пиење за сите граѓани без разлика дали живеат во градот или во селата. Ќе следи рекомпонирање на гломазната администрација досега распределена во пет општини. Тимот ќе треба да е ефикасен во контакт со граѓаните и сервис за нивните потреби. Успех за еден градоначалник е да ги поттикне локалните бизнисмени и странците да отворат погони во Кичево“, забележува кандидатот на ДУИ.

„Балканот пати од пресилни зборови и празна политичка реторика“

Политички опоненти за Дехари зборуваат како за поранешен член на ОНА. Премиерот Никола Груевски на митингот во Кичево рече: „Дехари со сликите со калашников нема да заплаши никого“ и дека „престојните локални избори се решителен одговор на Македонците, Албанците, Турците, Власите и Ромите на неговите провокации“. Дехари за ДВ одговара:

„Балканот пати од пресилни зборови и празна политичка реторика. Лошо е кога злонамерно и лицемерно реториката се преџвакува за дневна употреба. Неодамна во САД пред моите сограѓани реков дека законот за локална самоуправа овозможува демократски натпревар, а реалната состојба на избирачкиот список од ДИК овозможува и Кичево, како и други општини од Југозападна Македонија да изгласа градоначалник од албанска етничка припадност. Ништо друго и неморално не кажав, туку коректно според демографската реалност“.

Кичевци се помудри од сите политичари

Ние работиме сами со граѓаните кои немаат политички стеги и етнички предрасуди едни кон други, објаснува Дехари:

„Фамата дека на изборите ќе гласаат и луѓе кои се на привремена работа во странство треба да не радува сите. Тоа ја покажува желбата за нивно враќање и со сопствен капитал и искуство да придонесат за вкупниот развој на Кичево. Тие се чудат на овдешната политичка врева во врска со нивното доаѓање и гласање за својот роден крај, каде имаат имот и цели семејства. Треба да се стави крај на ваквите размислувања, кои наликуваат на онаа: ’Ги сакаме вашите пари, а не вас и вашиот глас’“. Жителите на Кичево се помудри од сите политичари. Нешто што трае со векови не може да се руши поради ситни интереси на малкумина, кои веќе купија имоти во најубавите градови на Македонија и пошроко, коментира Дехари.