1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Киргистан тоне во хаос

Околу 100.000 Узбеци се во бегство поради неконтролираното насилство во јужен Киргистан. Вооружениот конфликт, кој избувна два месеци по соборувањето на претседателот Бакијев, има криминална, политичка и етничка заднина.

default

Етнички Узбеци на границата помеѓу Киргистан и Узбекистан

Во Киргистан секој ден се‘ повеќе се продлабочува хуманитарната криза, чии размери се‘ уште не може да се проценат, велат набљудувачите од ОН. Се претпоставува дека во изминатите неколку дена повеќе стотици луѓе биле жртви на бранот насилства во киргистанските погранични градови Ош и Џалал Абад во југозападниот дел на земјата, каде Узбеците се малцинство уште од советската демаркација на границата на Ферганската долина.

Неопходна е хуманитарна помош

Случувањата наликуваат на војна, изјави во разговорот за Дојче веле киргистанската поборничка за човекови права Сахира Насарова од Ош: „Луѓето се плашат да излезат од нивните куќи и станови, оти повеќето се плашат од снајперистите. Се смета дека овие снајперисти доаѓаат од соседните земји Таџикистан и Узбекистан, и дека се платени од страна на синот на претседателот, Максим Бакијев. Се шират многу гласини. Во меѓувреме, веќе четири дена живееме без струја, гас и пристап до информации, многумина повеќе немаат прехранбени продукти и единствена надеж им е хуманитарна помош. Градот Ош, така гледано, е мал, но растојанието помеѓу поединечните квартови во моментов не може да се премости.“ Според различни извештаи во немирите се убиени најмалку 124 луѓе. Други извори известуваат дека загинале 700 луѓе.

Kirgisistan Kirgisien Khirgistan Kyrgyzstan Flüchtlinge Lager Flash-Galerie

Узбечки хуманитарни работници

Киргистанците се плашат од Узбеците, а Узбеците се плашат од Киргистанците, известува од Џалал Абад узбекистанскиот поборник за човекови права Абдумалик Шарипов: „Низ градот наоколу шетаат млади Киргистанци со автоматско оружје, кои ги запалија узбекистанските куќи и кафулиња. Од мојот прозорец се‘ уште гледам чад. Но, од други извори слушам дека станува збор за маскирани бандити, кои пукаат врз двете страни, како врз Узбеците, така и врз Киргистанците. Овде може да помогнат само мировни трупи. Според моите сознанија, на границата со Узбекистан се собрале најмалку 50.000 луѓе.“

Проценките се дека досега над 90.000 луѓе побегнале во Узбекистан. Узбекистан ја затвори границата, оти земјата не е подготвена да прифати уште повеќе бегалци.

Ош и Ферганската долина се конфликтни региони

Russische Soldaten schichten Heroin-Päckchen aus Afghanistan Drogen Drogenhandel Opium Heroin

Ош е и центар на меѓународната трговија со дрога

Непознати сили промислено ги искористија етничките тензии помеѓу Киргистанците и Узбеците, смета Сахира Насарова. Но, причина за конфликтот беше соборувањето на претседателот Бакијев на почетокот од април, вели германскиот новинар Бернард Рост, кој од неодамна работи во Киргистан: „Киргистан по пучот врз претседателот Бакијев доби привремена влада, која најпрво се обиде да постигне легитимност, со тоа што за 27 јуни распиша референдум за нов устав. Во истовреме таа изврши целосна промена на кадрите на сите нивоа, се‘ до претседателите на селските општини. Тоа секако предизвика повеќе луѓе кои ги загубија своите позиции отворено или зад грб, да работат против владата. Згора на тоа, Ош и Ферганската долина се традиционално избувливи региони, поради невработеноста на младите и етничките конфликти. Ош е и центар на меѓународната трговија со дрога, низ него поминува рутата од Авганистан преку Таџикистан. Ош е престолнина на организираниот криминал. Сето тоа доведе до оваа експлозија минатиот четврток.“

Голем број набљудувачи сметаат дека е потребно да се пратат мировни трупи во јужен Киргистан, за да стават крај на бранот насилства, инаку во земјата и целиот регион постои опасност од уште посилен бран, предупредија претставниците од ЕУ и ОН во Централна Азија. Русија во моментов размислува за испраќање мировни трупи во Ош, во рамките на Сојузот за безбедност на поранешните советски републики (ОВКС).

Автор: Михаил Бушуев/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска