1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Киргистан не толерира неправда

Неколку дена по падот на владата во Киргистан, ситуацијата се` уште не е наполно смирена. Што беше причината за незадоволството кај народот, зошто дојде до протести и пад на владата на Курманбек Бакијев?

default

По втор пат во пет години паѓа владата во Киргистан. Пред само пет години беше симнат од власт тогашниот пратседател Аскар Акајев, сега Киргистанците ја соборија и владата на неговиот наследник, Курманбек Бакијев. Така Киргистан стана исклучок во Централна Азија. Во поголемиот дел од соседните земји власта не се сменила од распадот на СССР наваму. Сега опозицијата состави преодна влада, меѓутоа ќе треба да поминат уште неколку дена пред ситуацијата комплетно да се смири. Јенс Зиберт е советник во киргистанското министерство за труд, по налог на германскиот Центар за миграција и развој (ЦМР):

„Иако претседателот побегна од неговото седиште во главниот град, тој има доволно приврзаници и тука, и на југот на земјата, кои се обидуваат да ја срушат преодната влада на опозицијата“, вели Зиберт.

Разликите меѓу северот и југот

Kirgistan Kirgisien Trauer in Bischkek

Дводневна жалост во Киргистан

Киргистан е традиционално поделен на северен и јужен дел. Во северниот дел почесто се сретнуваат трагите од советско време и делумно се зборува руски. Овој дел е релативно побогат, во споредба со јужниот, каде луѓето живеат поскромно. Се` на се`, Киргистан е една од најсиромашните земји во светот. Целата земја е претежно планинска и тешко проодна. Економскиот развој што го вети Бакијев во 2005 година никогаш не се оствари. На почетокот од годинава владата дури и драстично ги покачи цените за струја и гас. Бетина Руигес исто така работи во германскиот ЦМР. Во малиот киргистански град Талас помага во основањето на едно граѓанско радио:

„Кога стигнаа првите сметки, луѓето беа шокирани. Тогаш почна да се појавува незадоволството кај народот. Владата реагираше со противпритисок, го забрани емитувањето на одредени информативни емисии. Потоа можеше да се забележи дека сите медиуми станаа поплашливи отколку претходно.“

Ограничени слободи

Незадоволството веќе одамна владее во Киргистан, а ниту редовните демонстрации, за разлика од соседните држави, не се никаква реткост во малата република. Претседателот Бакијев секогаш остро реагираше на протестите. Порано Киргистан важеше за една од најлибералните земји во Централна Азија. Меѓутоа, Бакијев се` повеќе ги ограничуваше политичките слободи. Минатата година беше реизбран, меѓутоа набљудувачите говореа за изборен фалсификат. По се` изгледа, Бакијев го потцени незадоволството кај народот, смета Беате Ешмент, експерт за централноазиски прашања:

„Она што се крие зад незадоволството на граѓаните е тоа што во изминативе пет години воопшто не им е подобро, очекувањата што ги имаа не се исполнети, а претседателот, кој минатата година беше реизбран на функцијата, толку ја збогати својата фамилија и ја стави на челни позиции, што ја пречекорува секоја мера.“

Сојуз од корист

Kirgistan Kirgisien Trauer in Bischkek

Скоро 80 лица загинаа во крвавите протести во Бишкек

Меѓу политичарите во преодната влада има и многу такви кои учествуваа во претходната т.н. Револуција на лалињата, кои сега му го свртеја грбот на Бакијев. Иако одамна го критикуваат стилот на владеење на претседателот, досега не успејаа многу да профитираат од незадоволството на народот:

„Опозицијата не е баш омилена кај Киргистанците. Сојузот на опозицијата и незадоволните граѓани е само привремен, бидејќи ги обединува заедничкиот интерес - да се симне од власт претседателот Бакијев“, вели Беате Ешмент, експерт за централноазиски прашања.

Автор: Матијас Белингер/Борис Георгиевски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM