1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кипрани во паника, банките им ги затворија вратите

Многу Кипрани денеска побрзаа да ги испразнат своите банкарски сметки, откако е постигнат договор за меѓународен заем, со кој ќе биде воведен нов данок на банкарски депозити. Банките ги затворија вратите.

Пред многу банкомати се формираа редици, а банките кои вообичаено работат во сабота ги затворија филијалите по напливот граѓани, кои сакаа да си ја подигнат својата заштеда. Службениците во филијалите тврдеа дека мораат да ги затворат банките затоа што интернет-системот на кој работат е блокиран. Кооперативните банки, кои претставуваат петтина од банкарскиот сектор на островската држава, денеска беа отворени само еден час, пред да се обидат да ги сречат луѓето да ги извадат депозитите. Сепак, иако вратите во филијалите беа затворени, Кипраните имаа пристап до своите сметки преку банкоматите.

Zypern Bankenkrise

Банките, кои вообичаено работат во сабота, денеска беа отворени само еден час, за да спречат испразнување на банкарските сметки

Вестта за воведувањето на данокот на банкарските депозити е шок за поголем дел од граѓаните, бидејќи претседателот Никос Анастасијадес уверуваше дека нема да прифати договор со кој се бара од депонентите да ги поделат загубите. Со постигнатиот договор со министрите за финансии од ЕУ и ММФ сопствениците на банкарски заштеди поголеми од 100.000 евра ќе мораат да платат данок од 9,9 проценти, а оние кои имаат помалку од 100.000 ќе бидат оданочени со 6,75 проценти. Министерот за финансии Михалис Сарис изјави дека ова е начин да се спречи целосен банкрот на Кипар.

Не е исклучено левичарската кипарска партија АКЕЛ да побара референдум за спогодбата, со која на Кипар му се дава пакет помош од околу 10 милијарди евра. Се очекува прашањето за оваа спогодба да се постави на утрешната вонредна седница на Централниот комитет на партијата. Генералниот секретар на АКЕЛ, Андрос Киприану, изјави дека на седницата ќе се разгледаат различни варијанти, а меѓу нив и таа за евентуално излегување на Кипар од еврозоната. Киприану изјави дека неговата партија е незадоволна од „одмазничкиот“ и според него „неоколонијален начин“ на кој Тројката меѓународни кредитори (ЕК, ЕЦБ и ММФ) се постави кон Кипар.

Zypern Bankenkrise

На граѓаните им остана да пробаат да извадат дел од заштедите преку банкоматите

Тој го критикуваше и кипарскиот претседател и владата за тоа дека го избрале патот за финансиска помош во овој критичен момент за народот и земјата. АКЕЛ ги повика граѓаните да не запаѓаат во паника и да покажат ладнокрвност и разум.

Постигнатиот договор мора да биде ратификуван од парламентот во Кипар пред вторник, кога банките повторно ќе ги отворат своите филијали, бидејќи в понеделник е национален празник во земјата. Кипар е четвртата членка на еврозоната која доби пакет помош за да ги спаси своите банки.