1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кипраните го очекуваат отворањето на банките

Граѓаните на Кипар денеска конечно ќе добијат пристап до своите банкарски сметки по двонеделната блокада предизвикана од финансиската криза и преговорите за помош од ЕУ.

Вооружени чувари од утрово се поставени пред филијалите на банките на медитеранскиот остров, иако засега нема поголеми турканици. По 12 дневен застој, денеска на пладне ќе отворат банките на Кипар, но за граѓаните ќе важат остри рестрикции.

Властите наложија лимит од 300 евра за секој граѓанин, за да спречат масовно извлекување на пари од банките. Забрането е и разменување на чекови за готовина, а оние кои патуваат во странство не смеат со себе да изнесуваат повеќе од 1.000 евра готовина.

Неделава во Брисел, Кипар договори воведување на пакет мерки кои треба да ја спасат земјата од финансиски колапс. Земјата мора да обезбеди 5,8 милијарди евра за да добие дополнителна помош од околу 10 милијарди од тројката меѓународни кредитори - ЕУ, Европската централна банка и ММФ. Најмногу ќе загубат штедачите кои на своите сметки имаат повеќе од 100 илјади евра во двете најголеми банки - Банката на Кипар и Лаики. Кипар се согласи и на реформи на својот банкарски и на даночниот систем.

Претстои рецесија

Вчера околу 1,500 демонстранти протестираат против мерките за штедење кои ќе треба да ги спроведе владата. Властите забранија и трансфери на пари на сметки надвор од земјата, а наметнат е и лимит од 5,000 евра месечно преку

дебитните и кредитните картички за оние кои се наоѓаат во странство.

Министерот за финансии Михалис Сарис најави дека ваквите мерки се привремени, но ги предупреди граѓаните дека ги очекува долга рецесија.
„Ќе видиме и потешки денови во 2013 година... економијата ќе доживее потешка рецесија“, рече Сарис. Тој објасни дека целта на радикалните мерки е да се спречи одлив на капитал од земјата во очекување дека штедачите ќе се обидат масовно да си ги повлечат парите од сметките, што пак би предизвикало колапс на целиот финансиски систем.

Според планот, најголемата банка во земјата Банката на Кипар ќе биде реструктуирана, а нејзините штедачи со влогови од над 100 илјади евра ќе загубат околу 40 отсто од средствата. Втората по големина, Лаики банка, ќе биде ликвидирана, а нејзините коминтенти со влогови поголеми од 100 илјади евра ќе загубат околу 80 проценти од сумата.

Случувањата во Кипар и коментарите на европските претставници предизвикаа натамошен пад на вредноста на еврото на светските берзи. Инвеститорите се загрижени дека примерот на кипарските штедачи може да предизвика и граѓани на други земји во еврозоната да се обидат да си ги извлечат заштедите од банките.