Кипар - лабораторија за нова форма на спасување на еврото | Европа | DW | 27.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кипар - лабораторија за нова форма на спасување на еврото

„Ако тоа функционира во случајот со Кипар, можеме да го правиме и на други места - мора да си мислеле германскиот министер за финансии и неговиот холандски аматерски портпарол“, критикува германскиот весник ТАЦ.

„Франкфуртер рундшау“ пишува за „Кипарските денови на хаос“ и во врска со усвоените мерки за спас констатира:

„Со оглед на драконските зафати, тешко може да се зборува за спасување. За луѓето почнуваат тешки времиња. Никој не може со сигурност да каже што ќе се случи во наредните денови и недели, кога банките повторно ќе бидат отворени. За падот на нивната економија во прв ред се одговорни самите политичари во Никозија, кои во земјата воведоа неодржлив деловен модел на товар на Европа“.

Весникот „ТАЦ“ се осврнува на најавата на новиот шеф на еврогрупата, холандскиот министер за финансии Јерoн Дајселблум, дека решенијата за Кипар ќе бидат модел и за другите евро-земји, што тој ја отповика, по бурата што ја предизвика.

„Но, зад тоа се крие многу повеќе. Зборовие на Дајселблум и делата на Шојбле веројатно сепак беа пробен балон. Ако тоа функционира во случајот со Кипар, можеме да го правиме и на други места - мора да си мислеле германскиот министер за финансии и неговиот холандски аматерски портпарол. Кипар, сакал или не, станува опитна лабораторија за една нова, само привидно поправедна форма на спасување на еврото“, смета „ТАЦ“.

„По овие спасувачки хаотични денови секој банкарски клиент знае дека неговата штедна книшка не е сигурна, дека штедните влогови во банките не се негов личен имот, туку станува збор за кредит за банките и дека еврогрупата во некоја криза може за време на викендот да ги кофискува парите“, нагласува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ („ФАЦ“) и заклучува: „Поголема штета за довербата е одвај замислива“.

Фактот дека во кипарските банки има парични влогови од 70 милијарди евра, го наметнува прашањето зошто тогаш европските даночни обврзници мораат да помогнат со 10 милијарди, а мирната реакција на финансиските пазари на хаотичното спасување покажува дека од Кипар не произлегува никаква системска опасност, резонира “ФАЦ“. „Така еврогрупата со своето несреќно постапување самата го доведува под прашање легитимитетот на ’спасувањето‘. Оти, според правилата за користење на новиот Европски механизам за стабилност (ЕСМ), финансиската помош мора да биде неопходна не само за земјата, туку и за ’гарантирање на стабилноста на севкупната еврозона‘. Да видиме како германската влада ќе го убеди во тоа Бундестагот во случајот со Кипар“, загатнува “ФАЦ“.

Во друг коментар во истиот весник е нагласено:

„И во случајот со Кипар се покажува - настрана од сите пакети за помош, или можеби токму поради нив - колку големи станаа отуѓувањето и лутината кај Европејците: многу луѓе во кризните земји вината за нивната состојба ја бараат не толку кај своите корумпирани елити или во лошата политика, туку кај наводно несолидарните земји од Северот, читај - кај наводнонеохегемонијалните Германци. Земјите што ги даваат парите, пак, се чувствуваат како жртви на уцени, а навредите се реванш за нивната помош“, оценува „ФАЦ“.