1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кипар и Шпанија во криза

Во Кипар попладнево државното раководство на итна седница расправа за економската состојба во земјата. Шпанија веќе побара финансиска помош од членките на еврозоната. Крајот на кризата не е на повидок.

Кипарскиот претседател и врвните политичари во земјата попладнево треба да одржат вонредна седница околу економската сотојба во земјата. Рејтинг агенцијата Фич претходно го намали рејтингот на Кипар од „БББ-“ на „ББ+“ со негативни перспективи за иднина. Оценката покажува дека Фич проценува оти инвестирањето во долгорочните обврзници на Кипар би било шпекулативно.

Рејтинг агенција Фич всушност го намали кредитниот рејтинг на Кипар до степен на „ѓубре“, поради зголемувањето на средствата потребни за спас на кипарските банки. Во следниве месеци е можно ново намалување на рејтингот.

Се очекува земјата да побара надворешна помош за спас на банкарскиот сектор, или од земјите од еврозоната или, пак, од Русија. Банките се големи сопственици на грчки државни обврзници, чија вредност во голем дел беше отпишана минатата година. Економијата на Кипар е тесно поврзана со грчката. Кипар веќе извесно време важи како нареден кандидат за европскиот чадор за спас.

Symbol Euro oder Drachme Parlamentswahl Krise Griechenland

Кипарската економија е поврзана со грчката

А, спас од членките во еврозоната денеска побара и Шпанија. Земјата официјалното барање до еврозоната го поднесе за спас на нејзините загрозени банки. Шпанските медиуми информираат дека министерот за финансии Луис де Гуиндос испратил писмо до шефот на еврозоната Жан Клод Јункер. Притоа не се пренесуваат детали за висината на помошта која се бара за рекапитализација на банките.

Според проценките на економските експерти, за спас на загрозениот шпански банкарски сектор потребни се најмалку 62 милијарди евра. Европските партнери веќе најавија дека се подготвени да стават на располагање 100 милиони евра за помош на Шпанија.

Според еврокомесарот Оли Рен, ЕУ е уверена дека за неколку недели ќе биде постигната согласност со Шпанија околу реструктуирањето на банкарскиот сектор. Портпаролот на Рен рече дека условите околу финансиската помош треба допрва да бидат утврдени.