1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кипар: Жестоките протести даваат резултат

Гневни штедачи, шокирани инвеститори, меѓународна критика- притисокот едноставно беше преголем. Министрите за финансии на еврозоната сега му одобрија на Кипар да изврши промени во спорниот данок на банкарските депозити.

Бесот беше програмиран. Дури и малите штедачи требаа да бидат вклучени во спасувањето на кипарскиот финансиски сектор. Преку еднократен данок, договорен од страна на Еврогрупата за време на викендот тие требаа да загубат дел од своите заштеди. Меѓутоа од синоќа овој план очигледно е повторно веќе минато.

Малите штедачи треба да бидат поинаку третирани од сопствениците на големи богатства, објасни шефот на Еврогрупата Жерон Дијселблом по вечерната телеконференција на министрите за финансии на еврозоната. Тие на неа се заложиле малите штедачи на Кипар да бидат изземени од планираната принудна давачка. Еднократниот данок според мислењето на министрите не треба да важи за оние кои имаат депозити во кипарските банки под 100 илјади евра. Конечната одлука и е препуштена на кипарската влада.

Несигурност меѓу штедачите ширум Европа

Истовремено министрите за финансии од Еврогрупата истакнаа дека се останува на сумата од 5,8 милијарди евра кои треба да бидат собрани со еднократниот данок на банкарските депозити. Овие пари се неопходни за спас на финансиски погодената земја. За возврат европартнерите и меѓународните доверители на Кипар ќе му помогнат со поволни кредити во вредност од 10 милијарди евра.

Според првобитниот план на Еврогрупата заштедите во кипарските банки до вредност од 100 илјади евра треба да бидат еднократно оданочени со стапка од 6,75 проценти додека оние преку таа сума со 9,9 проценти.

Ваквата мерка предизвика големо незадоволство, протести и критики не само на Кипар.

Чувство на несигурност почна да се шири меѓу штедачите ширум Европа, кои почнаа да стравуваат дека може да им се случи истото како на Кипранците. Згора на тоа на министерската телефонска конференција синоќа било истакнато и стравувањето дека банкарските сметки на Кипар ќе бидат веднаш испразнети веднаш штом банките по вчерашниот празничен ден, денеска ќе ги отворат вратите.

Парламентот во Никозија ќе гласа денеска?

И овој немир потоа би можел да се прошири и на други земји. Затоа министрите одлучија да им отворат повеќе простор на кипарските власти во одлучувањето околу еднократниот данок на банкарските депозити.

Според актуелните сознанија владата во Никозија планира од оваа принудна давачка целосно да ги исклучи оние со заштеди до 20 илјади евра во банките во земјата. Депозитите меѓу 20 илјади и 100 илјади евра ќе бидат оданочени со планираната стапка од 6,75 проценти. Покрај тоа кипарскиот претседател Никос Анастасијадес предложи сите оние погодени од принудната давачка да бидат обесштетени со акции од банките, кои на долг рок би требало да им донесат приходи. Меѓутоа ова се само планови. Парламентот во Никозија, по две одложувања, денеска е повторно планирано да гласа за спасувачкиот пакет за земјата во кој е вклучена и принудното оданочување на заштедите.