1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кипарските банки остануваат затворени

Кипарските банки нема да бидат отворени денеска. За да се обезбеди „добро функционирање на целиот банкарски систем“, банките ќе останат затворени до четврток, соопшти Централната банка на Кипар.

Нервите на банкарските штедачи повторно се напрегнати. Државната телевизија до вчеравечер (25.03) се‘ уште одеше со вест дека најголемиот дел од банките ќе бидат отворени денеска, односно дека ќе останат затворени само филијалите на двете најголеми банки на Кипар.

Околу полноќ по локално време министерот за финансии Михалис Сарис соопшти дека банките сепак ќе останат затворени, односно ќе бидат отворени дури во четврток (28.03). Од соработници во кипарското министерство за финансии се вели дека малите банки се спротивставиле на тоа дел од банките да отворат, а дел да бидат затворени, поради тоа што се стравува од голема навалица на клиенти.

Се планираат натамошни ограничувања

Кипарскиот претседател Никос Ансатасијадес мораше да ја соопшти лошата вест за банкарските штедачи уште во телевизискиот говор што го одржа вчеравечер: „Централната банка во вторник мора да донесе мерки за ограничување на протокот на пари. Но таквите мерки ќе се олабавуваат постепено.“

Zypern Präsident Anastasiades Nikosia Ansprache Rettungspaket

Никос Анастасијадес не верува дека дистанцирање од ЕУ е вистински одговор на кризата

Претседателот не прецизираше какви ограничувања ги чекаат банкарските штедачи. Можно е тие да смеат од своите сметки да подигнат само мали износи, или пак да има ограничувања на трансферите на пари за странство. Детали за тоа што следува треба да соопшти денеска шефот на кипарската Централна банка Паникос Деметријадис.

Во својот говор претседателот на земјата Анастасијадес се спротивстави на анти-ЕУ расположението што се шири во земјата. Без помошта на евро-партнерите Кипар ќе банкротираше, рече тој: „Во последните денови се слушаат гласови за излез на Кипар од еврозоната. Јас не верувам дека дистанцирање од европското семејство е вистинскиот одговор на кризата и покрај огорченоста и разочараноста што ја чувствуваме поради ставот на некои наши партнери кон Кипар.“

Последната реченица беше веројатно страничен удар за Германија, поради тоа што германската влада особено силно бараше драстично да се намали банкарската бранша на Кипар.