1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Кипарскиот парламент повторно го одложи гласањето

Парламентот во Кипар денеска повторно го одложи гласањето за контроверзниот данок на банкарските депозити. Се разгледува можноста да се оданочуваат само депозитите со вредност од над 20 илјади евра.

Парламентот ќе се изјасни за данокот утре попладне, откако првобитното гласање беше одложено од вчера за денеска, соопшти претседателот на Парламентот Јанакис Омиру. Данокот на банкарските депозити, предвиден е со новиот план за финансиска помош и е главен услов за земјата од меѓународните кредитори да добие заем од 10 милијарди евра и на тој начин да избегне банкрот.

Договорот, според кој граѓаните кои на своите сметки имаат помалку од 100 илјади евра ќе мораат да платат еднократен данок од 6,75 проценти, а оние кои имаат повеќе од 100 илјади ќе плаќаат данок од 9,9 отсто, предизвика жестоки протести и меѓу политичарите и кај граѓаните.

Кипарското министерство за финансии укажа дека воведувањето на еднократните даноци е најмалку штетна опција и дека на тој начин ќе се спречи целосен банкрот на земјата. Властите во текот на викендот предупредија дека без овие мерки, веќе во вторник може да дојде до колапс на целиот кипарски банкарски систем.

Според последните информации од земјата, владата во меѓувреме прави напори да ги ослободи од обврската за еднократен данок сопствениците на мали заштеди. Се разговара за можноста да се ослободат од обврската сите оние кои имаат депозит до 20 илјади евра на сметките.

Надлежните во еврозоната веќе ставија до знаење дека немаат ништо против промената на планот, се додека Кипар успее да обезбеди околу 6 милијарди евра на овој начин. Кипар е четвртата земја-членка на еврозоната која доби пакет помош за спас на своите банки.