1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кино придонес за проширувањето на ЕУ

Европската комисија изработи промотивен видео спот за проширувањето на ЕУ кој ќе се емитува во кината во неколку земји-членки (Германија, Австрија, Холандија и други).

default

„Така слични, така различни, така европски“. Тоа е насловот на видео спотот кој вчера (22.02.2012) во Брисел го претстави Европската комисија. Спотот од 65 секунди започнува со поглед на еден фјорд и на англиски јазик се поставува прашањето - Шведска? Набргу стигнува одговорот дека станува збор за Црна Гора, односно Бока Которска. Наредниот кадар прикажува центар на град со прашањето - Франција? Одговорот меѓутоа е Србија и се гледа како две девојки излегуваат од пекарница со име напишано со кирилица. Потоа на видео спотот се гледа призор на стариот мост во Мостар и скокање од него во Неретва со прашањето - Италија? Одговорот е се разбира Босна и Херцеговина. Спотот продолжува со кадар од телевизиски студија и подготовки за емисијата вести проследен со прашањето - Шпанија? Одговорот гласи: Косово. Потоа на него се гледа група студенти со факултетски униформи - со прашањето Велика Британија? Одговорот гласи Македонија и истовремено студентите на плоштадот Mакедонија ги фрлаат во воздух нивните факултетски капи. Следуваат сцени од облакодери и густ сообраќај на улиците на еден велеград и прашањето - Германија? Но одговорот е Турција. Спотот завршува со поглед на античка градба и прашањето - Грција? Одговорот е Албанија.

Kino Filmbühne Wien Berlin

Која е целта на спотот?

Целта на овој спот е да ги информира граѓаните на Европската унија за земјите од Југоисточна Европа кои се опфатени со процесот на проширување. Целна група се кино-посетителите во Германија, Австрија, Холандија, Шведска, Финска и уште неколку земји-членки на ЕУ.

Видео спотот е исполнет со богати и изненадувачки слики од регионот кој сака да влезе во Европската унија, објаснуваат од Еврокомисијата и додаваат дека Југоисточна Европа е подрачје кое во историјата е поврзувано со судири и безредија, но многу нешта во денешниве бурни времиња се имаат променето и денес многу земји од регионот се вклучени во процесот на проширување на ЕУ.

Петер Стано портпарол на комесарот за проширување, нагласи дека спотот не е единствен инструмент кој го користи Комисијата во својата кампања за проширување. Таа очекува дека граѓаните на 27-те земји-членки подобро ќе ги запознаат земјите од Западниот Балкан и Турција барем на прв поглед и оти ќе ги препознаат различностите, но и сличните точки.

Трошоците за спотот 90 илјади евра

Трошоците на снимање и продукција на овој спот ги чини европските даночни обврзници 90 илјади евра. Од Европската Комисија порачуваат дека врзувањето на земјите од регионот за земји членки во спотот нема никакви политички конотации. Комисијата отфрли какви било политички врски во спотот, пред се’ во случаите Грција-Албанија, Германија-Турција или Шпанија-Косово. Видео спотот е објавен на социјалните мрежи, на Јутјуб и на Еутјуб, каде може да се погледне на неколку јазици.

Автор: Ален Леговиќ / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска