1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинеско ноу-хау, бугарски автомобили

Бугарско претпријатие сака да се пробие на европскиот пазар на автомобили монтирајќи модели на најголемиот кинески производител на џипови. Станува збор сепак за бугарска, а не за кинеска инвестиција.

„Се оствари бугарскиот сон за сопствено производство на автомобили“. Ова е рекламниот слоган на претпријатието „Литекс моторс“ за возила што се пласираат од Ловеч. Реалноста е поинаква: сите делови се увезуват од Кина, а околу 120 вработени во малиот град на северот на Бугарија од пред една недела само монтираат три модели на најголемиот кинески производител на џипови „Грејт вол“ („Големиот ѕид“). До крајот на годинава производството треба да достигне 2 илјади возила.

Но, плановите на сопственикот се многу амбициозни: при целосно искористување на капацитетите, треба да има работа за две илјади работници. „Во зависност од побарувачката, би можеле во две или три смени да произведуваме 50-70 000 автомобили годишно“, вели Иво Деков, директор за маркетинг во „Литекс моторс“. Од претпријатието тврдат дека возилата одговарат на сите европски стандарди. Во некој подоцнежен момент, во Ловеч треба да настане вистинска индустриска зона, каде би се произведувале и делови за кинеските автомобили.

Great Wall Motors Auto Produktion in Lowetsch, Bulgarien

Амбициозен кинеско-бугарски проект

Кинезите партнери, инвестицијата бугарска

Досега во производствените погони биле инвестирани преку 30 милиони евра. До 2017 година инвестициите треба тројно да се зголемат. Од трговскиот регистар може да се види дека кинеското учество е минимално, укажува Десислава Николова од независниот бугарски Институт за пазарно стопанство. Најголем дел од капиталот е од „Литекс моторс“, кој припаѓа кон „Литекс комерц“, една од најголемите бугарски претприемнички групи. Таа главно тргува со нафта, но дејствува и во областа на енергетиката, прехранбената иднустрија, транспортот, туризмот и недвижностите.

Ниските плати и даноци секако одиграле улога „Грејт вол“ да ја избере Бугарија како партнер, но најважен е сепак пристапот до пазарот на ЕУ, оценува Десислава Николова и објаснува: Бугарија е членка на ЕУ, па за автомобилите монтирани во Ловеч отпаѓаат било какви царини и други ограничувања, што инаку би важеле за производи од Кина. Автомобилите чинат помеѓу 8000 и 12800 евра. Со оглед дека се меѓу најповолните во таа категорија, амбициозните цели на претпријатието не се нереални, оти во криза консументите посегнуваат по поевтини производи, проценува Николова.

Great Wall Motors Auto Produktion in Lowetsch, Bulgarien

Бугарскиот премиер Бојко Борисов во посета на погонот во Ловеч

Претприемач што го бие сомнителен глас

Ова не е прв обид за произведување на автомобили во Бугарија. Зафатот на британскиот „Ровер“ пред 17 години таму да го прави моделот „маестро“, пропадна по една година. Уште порано, кон крајот на 60-тите години на минатиот век, во времето на комунизмот, почетоците на автомобилско производство во Бугарија ги означуваа „Булгар-рено“, „Фиат-Пирин“, подоцна и модели на советската марка „Москвич“. Но, сите тие обиди траеја само неколку години. Уште тогаш Ловеч, град со 40 илјади жители, беше важен центар за производство, па не е ни чудо што и сега фабриката за автомобили е изградена таму.

Минчо Казанџиев, градоначалник на Ловеч, смета дека Гриша Ганчев, сопственик на „Литекс моторс“, си го сака родниот град и ја направил фабриката таму - иако не е во близина на важните сообраќајни врски, што негативно влијае врз трошоците. Казанџиев уште подвлекува дека фабриката е направена без субвенции од ЕУ.

Но, угледот на претриемачот Ганчев не е неспорен. Тој е сопственик и на фудбалскиот прволигаш „Литекс Ловеч“. Минатата година беше споменуван во тајните американски телеграми, што ги обелодени Викиликс, во кои станува збор за врските на бугарскиот фудбал со организираниот криминал. За Ганчев се зборува како за „перач на пари“ со врски со подземјето.

Шанси за целата земја

Независно од тоа, градоначалникот се радува за новите работни места создадени со оваа инвестиција. Регионот повторно може да биде привлечен за млади луѓе, кои по пресвртот го напуштаа малиот град барајќи си подобра иднина.

Шанси се укажуваат и за целата земја, смета Георги Живаров, заменик-претседател на Здружението на бугарската индустрија. „Автомобилската индустрија може да ги заживее другите индустриски бранши, подоцна можеби би настанале претпријатија-лиферанти во текстилната, хемиската и металната индустрија“, вели Живаров. На бугарската економија и’ се потребни нови мотори на стопанскиот пораст и инвестиции во други бранши, укажува Десислава Николова. Градежништвото, по бумот во изминатите десет години, доживеа пад и и натаму е во криза. Нејзе не и’ пречи што „Грејт вол“ја користи Бугарија како отскочна штица за пазарите во ЕУ.

Досега ни Бугарија успеа да етаблира автомобилско производство, ниту Кинезите успеаја да се докажат во Европа. Но, „Грејт вол“ има позитивни искуства од други земји - веќе има сопствени погони во Русија, Индонезија, Египет и Украина. Новите партнери, можат да се надеваат дека сонот за автомбилско производство во Бугарија овој пат ќе потрае подолго.

Автор: Благородна Григорова/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска