1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинеското стопанство слабее

На кинескиот змеј му недостасува оган. Наглото намалување на извозот и намалената побарувачка за увоз се причината експертите да очекуваат намален пораст на стопанството во земјата.

По изненадувачко слабите извозни податоци на почетокот на годинава во Кина и за тековниов квартал има малку надеж за подобрување на стопанството во оваа земја. Извозот се наоѓа пред голем предизвик, соопштија денеска царинските власти. Поради слабата побарувачка во странство, повисоките трошоци за работниците и посилната сопствена валута претпријатијата ја губеле довербата. „За извозот во третиот квартал изгледите се лоши“, изјави еден портпарол на властите.

Во јуни волуменот на експортот се намали, за првпат од јануари минатата година. Минусот изнесуваше 3,1 проценти, аналитичарите меѓутоа сметаа со пораст од 4 проценти. Увозот во споредба со јуни 2012 година се намали за 0,7 проценти. Експертите очекуваа пораст од осум проценти. Бројките покажаа дека кинеското стопанство е се' повеќе под притисок, изјави економистот Ли Хуијонг од Шангај.

Минус во трговијата со ЕУ

Извозниците особено ги погоди намалената трговија со ЕУ, која забележа пад од 8,3 проценти. Во САД, исто така важен пазар, кинеските претпријатија продадоа помалку стока за 5,4 проценти. Суфицитот во трговискиот биланс со 27,1 милијарда долари е во рамките на очекуваното.

Реконструкција на кинеското стопанство

Новото кинеско раководство има намера да го преструктуира стопанството и за тоа прифаќа и послаб пораст. Економистите сметаат дека во годишна споредба порастот во вториот квартал е намален на 7,5 проценти. Официјалните бројки се очекуваат идната недела.

Инвеститорите на пазарите со акции реагираа со разочарување на податоците за надворешната трговија. Индексот МСЦИ за азиско-пацифичкиот регион освен Јапонија загуби дел од добивките по објавувањето на бројките. Берзите во Шангај и Хонгконг сепак успеаја да се одржат во плус, водечкиот берзански индекс во Токио меѓутоа падна во минус.