1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинеските реформски планови носат оптимизам на самитот ЕУ-Кина

Брисел и Пекинг ова лето за малку избегнаа трговска војна. На денешниот самит ЕУ-Кина, европската делегација од прва рака може да дознае поединости за охрабрувачките кинески реформски планови.

Станува збор за врска вредна 500 милијарди евра. Стоки во толкава вредност беа разменети меѓу ЕУ и Кина во 2012. година. Европската унија во моментов е најважен трговски партнер на Кина. Гледано од другата страна, Кина, по САД, е најважен трговски партнер на ЕУ. И покрај тоа, поради низа спорови, односите не се најдобри: казнените царини на челични цевки, вина и соларни ќелии за малку ќе предизвикаа трговска војна. Потоа, за време на посетата на Брисел во октомври, потпретседателот на кинеската влада Ма Каи говореше со помирлив тон и тогаш беше договорено на самитот во Пекинг да се започне со преговори за олеснувањата за инвестиции на ЕУ во Кина.

Стратешки партнери

ЕУ и Кина не се само економски партнери, туку веќе десет години постои „стратешко партнерство“, меѓународен инструмент кој е популарен кај двете страни. ЕУ има вкупно десет стратешки партнерства, а Кина ни помалку ни повеќе туку - 38. Во случајот на ЕУ и Кина стратешкото партнерство е исполнето со повеќе од 50 дијалози, разни средби на високи ниво и годишни самити.

Честопати самитите се само внимателно инсценирани ритуали чија подготовка е обемна, а резултатите слаби. Денеска (21.11) започнува 16. самит ЕУ -Кина и тој би можел да биде исклучок, не само поради тоа што двете страни на билатералните односи им придаваат навистина големо значење, туку и поради тоа што Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина пред само една недела усвои голем пакет реформи, со вкупно 60 точки. „Европејците се први гости во Пекинг по овој пленум“, истакнува во изјава за ДВ, Франсоа Годеман, директор на програмата за Кина во Европскиот совет за надворешни работи.

Лиу Ликун, професор на катедрата за германски јазик на универзитетот во Пекинг, верува дека резултатите од пленумот на Централниот комитет ќе играат важна улога на самитот: „Зашто политиката на отворање и реформи и натаму ќе се развива и затоа што пазарот ќе има решавачка одлука во распределбата на ресурси и капитал.“

Затворање на логорите за превоспитување

Меѓу 60-те одлуки на ЦК на КП на Кина има многу занимливи нешта за делегацијата на ЕУ, како на пример, ублажувањето на „политиката на едно дете“, која често е спроведувана со нехумани средства. Исто така планирано е и укинување на логорите за „превоспитување“ во кои луѓето се испраќани без никаков судски процес. Тоа ги охрабрува активистите за човекови права.

Економски реформи

Делегацијата на ЕУ на чело со Херман ван Ромпој и Жозе Мануел Барозо, пред сѐ ќе ја интересираат планираните реформи во економскиот и финансиски сектор. Самата најава за реформи на почетокот на неделата предизвика вистински огномет на берзите. Клучни точки на реформите: социјалните осигурувања ќе бидат зајакнати со дивиденди од државните претпријатија и ќе биде дозволено основање мали и средно големи приватни банки.

Кинеската валута ренминби би требало побрзо да се најде на слободниот пазар, а исто така би требало побрзо да се пуштат девизните курсеви и каматните стапки. Многу бранши би требало да се отворат за приватен и странски капитал. Цените на транспортот, комуникациите, водата и струјата во поголема мерка би требало да бидат пазарно одредувани. Откако во септември во Шангај беше отворена првата зона за слободна трговија во Кина, сега се говори за воспоставување уште такви зони. Дури и ако за спроведување на реформските планови временската рамка е до 2020 година- многу европски компании гледаат нови можности на кинескиот пазар.