1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кинеските полициски и армиски сили го поплавија Тибет

Пусти улици и насекаде полиција и само полиција. Тоа се сликите што од главниот град на Тибет, Ласа ги пренесе една телевизиска станица од Хонгконг.

default

Кинеската полиција ја поплави Ласа

Оклопни возила патролираат низ Ласа, полицајците облечени во борбена облека, носат заштитни шлемови и пендреци во рацете. На сликите што ги пренесе една хонконшка телевизија цивили и не можат да се видат. Се плашат и не излегуваат од дома. Ситуацијата на Тибет и натаму е напната. Но, како што јавуваат очевидци и покрај огормното присуство на полицијата, и натаму има протести. И тоа не само на Тибет, туку и во други провинции во кои живеат Тибетанци. Една млада Тибетјанка што живее во Пекинг со денови не слушнала ништо за своето семејство:

„Многу сум загрижена. Ние сме Тибетанци. Слушнав дека има мртви. Не знам што ќе се случува во наредните денови„.

Кина во меѓувреме мобилизира огромен полициски и воен апарат. Очевидци јавуват дека храмовите на Тибет и во други провинции се опколени од силите за безбедност. Има уапсени, но никој не знае колку. Освен тоа, има информации од Тибетанци дека армијата влегла и во провинцијата Сечуан. Кинеската влада инаку, сега признава дека во немирите загинале 13 лица. Тибетската влада во егзил тврди дека загинале стотина. Во обид за анкета по улиците на Пекинг малку кој сака да зборува. Меѓутоа, една жена не сакаше да молчи:

„Ова ме потсетува на 4 јуни 1989 година. Тоа е страшно и јас го осудувам тоа што загинаа луѓе од куршумите на кинеската полиција„.

Кинеската влада меѓутоа, и натаму ги отфрлува обвинувањата дека нејзините сили за безбедност пукале. Насилството започна од тибетските демонстранти, изјави во Пекинг премиерот на Тибет Квингба Пунчонг:

„Кога станува збор за немирите, се случија тепачки, имаше пожари и беа плачкосувани продавници. Во тоа не беше замешана кинеската армија. Овие инциденти беа инсценирани со намера да се подели земјата, да се загрози единството и да се нарушат хаормонијата и стабилноста на Тибет„.

Кинеската влада сега има намера да ги врати стабилноста и хармонијата. Од странците е побарано да го напушат регионот, туристите веќе не добиваат визи, па така веќе нема да има очевидци што можат да опишат со какви средства кинеската влада повторно ќе воспостави ред, дали ќе има апсења и нови престрелки. Кина веќе најави дека остро ќе настапи против тибетските сепаратисти. На полноќ истекува и ултиматумот според кој на тибетските демонстранти што добороволно ќе се пријават кај полицијата им се ветуваат благи казни. Сите што нема да се пријават ги очекуваат остри казни затвор или дури смртни пресуди.