1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кинескиот Народен конгрес ја избра новата влада

Делегатите во Пекинг дадоа зелено светло за новиот тим на премиерот Ли Кечијанг. Со тоа, по смената на генерации во партијата, „подмладена“ е и владата.

Поранешниот кинески амбасадор во Јапонија, Ванг Ји, е избран за нов министер за надворешни работи на Кина. Овој 59-годишен дипломат беше кинески амбасадор во Токио од 2004 до 2007 година и одлично се служи со јапонскиот јазик. Ванг, исто така, од 2008 година е задолжен за односите на Кина со Тајван.

Новиот министер стапува на должност во моментот кога Кина и Јапонија се вплеткани во спор околу ненаселените острови во Источно Кинеско Море, на кои и двете земји полагаат право. Околу 3-те илјади делегати на Народниот конгрес во Пекинг досегашниот шеф на дипломатијата Јанг Џиечи го изгласаа за нов државен советник за надворешна политика. Со тоа 62-годишниот политичар во хиерархијата на власта се‘ уште стои пред министерот за надворешни работи.

За нов министер за одбрана е избран Чанг Ванчуен, а кинескиот Национален народен Конгрес исто така ги именуваше и новите вицепремиери и други високи функционери, во рамки на големиот план за реорганизација на државниот апарат, бидејќи во оваа земја во тек е завршната фаза од промената на врвното раководство.

Кинескиот парламент во четвртокот за претседател на Народна Република Кина го избра лидерот на Комунистичката партија Кси Џинпинг, а ден подоцна на фунцијата премиер го избра и Ли Кечијанг.

Како што се очекуваше Џу Сеочуан ја задржа функцијата гувернер на Народната банка на Кина, додека Лу Џивеј е избран за нов министер за финансии.