1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинеска конкуренција и за рејтинг-агенциите?

Рејтинг-агенции Стандард и Пурс, Мудис и Фич доминираат на пазарот со оценките за кредитна способност. Но, наскоро на пазарот би требало да се појави нова конкуренција - и тоа кинеска!

Водечките рејтинг-агенции Стандард и Пурс, и Мудис и Фич на многумина им се трн во око, особено во Европа. И тоа не само поради фактот дека од нивните оценки зависи судбината на многу влади и држави. Токму овие агенции уште на почетокот на 2008-ма година кога тргна кризната лавина, даваа најдобри оценки на банките и институциите кои потоа го повлекоа целиот свет во вителот на кризата. Но, овие три агенции од секогаш владееле со 95 проценти од пазарот. Без нивните оценки не се носат важни одлуки, бидејќи токму американската држава ги овласти да бидат врховни вештаци на сите хартии од вредност со кои се тргува на американската берза.

Konzernzentrale von Standard and Poors in New York USA

Централата на концернот Стандард и Пурс е во Њујорк

„Заеднички потфат“ против „големата тројка“

Но, наскоро „големата тројка“ би можела да добие сериозна конкуренција. И тоа, ни помалку ни повеќе туку од Кина. На крајот на октомври кинеската рејтинг агенција Дагонг глобал кредит објави дека заедно со руската агенција РусРејтинг и американската Еган–Џоунс рејтингс ја основале агенцијата Џоинт-Вентур. Целта на овој „заеднички потфат“ би била „понуда на оценување на бонитетните способности“ и „придвижување на реформите на светскиот пазар на оценување на бонитетните способности“. Како што тврди шефот на новата агенција Гуан Џијанцхонг, десет фирми од преку 20 земји го најавиле својот интерес за соработка со новото рејтинг-претпријатие со седиште во Хонг Конг.

Сомневања во врска со независноста и непристрасноста

За секоја нова рејтинг-агенција независноста и непристрасноста се главен капитал. Но, токму на ова поле мака мачи Дагонг глобал кредит. Иако раководството на фирмата уверува дека се работи за приватно претпријатие на чија работа кинеската политика нема никакво влијание, токму врските помеѓу шефот на агенцијата и кинеската политика се трн во око на многумина. Гуан Џијанцхонг е член на Комунистичката партија на Кина, а пред влезот на слободниот пазар бил вработен во Кинеската влада, за која и денес работи како надворешен советник.

Fitch / Ratingagentur / Rating

На пазарот доминираат агенциите Стандард и Пурс, Мудис и Фич

Аналитичарот и експерт за рејтинг-агенции Оливер Еверлинг смета дека е „исклучително тешко“ во Кина да се започне нешто што не е во согласност со партиската линија.

„Да се стартува една агенција, за која однапред знаете дека може да и' наштети на државата, е невозможно“, тврди Еверлинг. Останатите учесници во ова заедничко вложување се трудат да го уверат остатокот од светот како „нема да ги штитат интересите на ниту една влада или интересна група“.

Обликот на оценувањето е пресуден

Во Европа основањето на новата рејтинг-агенција наиде на одобрување. Манфред Гартнер, професор по економија на Универзитетот во Сент Гален смета дека во последните десет години многу европски земји биле оценувани од „големата тројка“ полошо отколку што заслужиле. Тој затоа го поздравува основањето на агенциите кои би претставувале еден вид противтежа на големите агенции од САД.

Гартнер верува дека седиштето на агенцијата не игра некоја голема улога. Многу поважно ќе биде тоа на кој начин Дагонг глобал кредит ќе ги прави проценките. Гартнер смета дека би требало да се преземе моделот на агенцијата Еган-Џоунс, кај која вложувачите оценуваат некоја компанија или институција, а не аналитичарите, како што е случај во моментално водечките агенции.

Но, и во Европа веќе се роди идеја за основање на конкуренција која би служела како противтежа на моќната тројка. На неа во моментот интензивно работат, секоја за себе, консултантската фирма Роланд Бергер и фондацијата Бертелсман.