1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кинеска вселенска сонда слета на Месечината

Со „Yutu“ за првпат по 37 години една сонда повторно слета на Месечината. Кина е третата земја во светот која испрати вселенско летало на природниот сателит на Земјата.

За првпат кинеска вселенска сонда слета на Месечината. Ракетата „Chang´e 3“ денеска кратко по 14 часот средноевропско време слета на природниот сателит на Земјата, без притоа да предизивика многу прашина, јави државната телевизија. Во контролниот центар во Пекинг соработниците спонтано го прославија слетувањето на кинески вселенски брод на Месечината.

Кина со ова е трета нација по САД и поранешниот Советски сојуз, која испрати вселенско летало на Месечината. Пред 37 години последен пат на Месечината слета советската сонда „Luna24“.

Слетувањето траеше 11 минути. Веќе по осум минути „Chang´e 3“ ги испрати првите фотографии од Месечината. На бродот се наоѓа и возилото „Yutu“ кое треба да се спушти на Месечината. Овој маневар треба да трае еден ден. Месечевото возило треба да биде позиционирано на околу десет метри од вселенската ракета.

„Yutu“ е возило во златна боја со шест тркала и соларни крилја, кое може да се движи по месечината со темпо до 200 метри на час и да совлада стрмнини до 30 проценти. Името го доби од кинеската митологија, имено така се викало белото зајаче, домашно милениче на месечевата божица Chang'e. Името беше избрано преку интернет анкета на која учествуваа 3,4 милиони луѓе.

Вселенската сонда без посада е наредниот чекор на амбициозната кинеска вселенска програма која планира до 2020 година да изгради постојана вселенска станица. За Пекинг, вселенската програма која е во надлежност на војската, е симбол за меѓународната тежина на земјата и научниот и технички напредок во споредба со Западот и Русија.

Кинескиот претседател и шеф на партијата Си Џинпинг се очекува утревечер во контролниот центар во Пекинг каде ќе треба да го објави успехот на кинеската мисија на Месечината.