1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кинезите на шопинг во Франкфурт

Франкфурт вреди да се посети, ова не го мислат само Германците, туку и странските гости. Градот е рекордер по бројот на кинески гости, речиси 200.000 годишно. Тие не доаѓаат само да преноќат, туку и да купуваат.

Рано наутро во финансиската и берзанска метропола Франкфурт. Директно по отворањето на продавниците, многумина кинески туристички групи си го исполнуваат нивниот сон во Германија. Тие купуваат!

И многумина веднаш го наоѓаат патот до кујнскиот оддел. Пред сѐ ножевите „Мејд ин Џермани“ ги привлекуваат гостите. Овој брачен пар не може да се одлучи, кому да му однесат подарок во Кина, па едноставно купуваат осум сета ножеви.

„Многу добар квалитет во Германија, многу работи овде се добри - ножевите, облеката, чантите, сѐ е многу луксузно и со врвен квалитет“, вели кинескиот турист Вајн Џу.

Во туристичката група е и Нам Џахјун кој исто така бара најскап квалитет. Веќе петнаесетина минути бара нож за лупење лук. Продавачката меѓутоа има само преси. На крајот е задоволен и со тоа. „Јас сум овде само два дена и за жал можам да потрошам само 200 евра“.

Со ова тој е во долниот просек на кинеските туристи во Франкфурт, кои во Германија трошат во просек од 600 до 900 евра на купување.

Исто така и скапите бутици две улици понатаму ги чекаат финансиски силните муштерии. Стоковната куќа и натаму најмногу го привлекува вниманието, бидејќи тука има толку многу избор. Германските продавачи мораат да имаат развиено чувство за муштериите.

„Тоа започнува со тоа што еден Азиец нерадо сака директно да му се обратиш, туку секогаш сака сам да одлучи, кога ќе побара помош од нас. Голема е разликата со европските муштерии, кои сакаат радо директно да им се обратиш“, вели Франк Берч од стоковната куќа во Франкфурт.

Туристичкиот менаџмент на Франкфурт веќе одамна има проспекти на кинески јазик и интензивно се рекламира за привлекување нови туристи. За да чувствуваат пријатно, сега еден кинески инвеститор гради и хотел. Сеедно дали сместување, исхрана или препораки за туристи - Франкфурт говори кинески.

Томас Феда истакнува: „Франкфурт е многу познат, посебно во Азија или Кина. Со години на временската карта ја претставуваме Европа и оваа компактност на градот, не само на аеродромот, туку и на саемот, кој е овде многу познат, а исто така и саемот на книгата, саемот за автомобили. Исто така и темата шопниг игра голема улога кај Кинезите и Франкфурт одговара идеално“.

Во тоа е убеден и кинескиот турист кој купува часовници во вредност од речиси 2.500 евра. Секој од неговите пријатели треба да добие подарок од Германија.