1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Кинезите купуваат кинески уметнички предмети во Европа

На аукциите на уметнички дела во Европа се´ почесто се појавуваат агенти кои ги застапуваат богатите Кинези. Агентите во име на своите клиенти купуваат уметнички дела кои се однесени од Кина уште пред 100-200 години.

default

Аукциската куќа „Лемперт" секоја година организира аукција на кинески уемтнички предмети

Црно-бели слики со мастило од периодот на Танг, сребрени послужавници со гравури, 300 години стари чинии ја исполниле салата за аукција и чекаат на новите сопственици. Речиси половина од посетителите се Азијци, некои од нив разговараат за квалитетот на уметничките дела во понудата. Некој би помислил дека се наоѓа на аукција во Банког или Хонконг, меѓутоа водителот кој зборува на германски и логото „Lemperc“ на аукциската маса, покажуваат дека сето се случува во Германија.

Хенрик Ханштајн, директор на аукциската куќа „Лемперц“ од Келн, еднаш годишно изложува и продава азиска уметност. Посетителите од Кина грижливо се погаѓаат. И скоро 95 насто од уметничките предмети ги купуваат Кинези, вели Ханштајн.

„Кина има голема култура. Таа е една од најстарите, најчудесните културни нации на планетата. За времето на Мао неверојатно многу се уништило, а многу од тоа е изнесено и порано од земјата. Сега Кинезите имаат многу пари, доаѓаат во Европа за да ги откупат тие уметнички предмети. Тие знаат дека уметничките дела кои се наоѓаат овде, ја напуштиле стара Кина пред 100 или 200 години. Тоа што тие се наоѓаат во Европа, е доказ дека се оригинали. Во самата Кина денес таквата уметност многу вешто се фалсификува. Но, кога нешто ќе купат во Европа, тогаш имаат гаранција“, вели Ханштајн.

Повисоки цени во странство

Teekanne China Kunst Ausstellung in Berlin

Богатите Кинези во Европа најчесто купуваат порцелан и слики

Затоа господин Менг посебно дошол од Пекинг во Келн. Тој сака да ја понесе дома сликата на кинескиот уметник Хуанг Зуа кој е познат по цртежите на магаре.

„Колекционер на овие слики е еден Германец, кој два пати доаѓал во Кина. Во текот на еден престој таму запознал многу сликари и понел неколку слики со себе во Европа. Од тоа може да се заклучи дека изворот е релативно сигурен. Јас се разбирам во пазарот на антиквитети во Кина и знам за колку пари таа слика била продадена таму. Но, кога ја купувам неговата слика во странство, подготвен сум да понудам повисока цена од домашните купувачи“, објаснува Менг.

За жал, господин Менг не е единствениот, кој ја цени сликата на Хуанг Зуа, на која се наоѓа едно девојче и стадо магариња, бидејќи и другите Кинези присутни на аукцијата секако го сакаат тоа уметничко дело.

Богатите Кинези парите ги инвестираат во уметнички предмети

Vase aus der Ming Dynastie

Многу кинески уметнички предмети по долг престој во странство се враќаат „дома´"

„Мое“ тивко и радосно рече една млада дама. Без размислување понуди 190.000 евра за цртеж со мастило со големина од еден метар квадратен. Преку мобилен телефон со задоволна насмевка му честита на вистинскиот купувач.

Се´ повеќе агенти доаѓаат во Европа. Богатите Кинези немаат време или не сакаат да се покажат во јавноста. Тие затоа ги праќаат своите агенти на аукција во Париз, Лондон или Келн. Затоа и овде е сe´ потешко ефтино да се купат кинески уметнички предмети, објаснува Менг: „Моменталната економска состојба во Кина е нестабилна. Јуанот е само хартија без вредност. Се´ повеќе богати луѓе парите ги инвестираат во кинески порцелан и слики. За нив уметничките дела не се само објекти туку и своевидно осигурување, како некоја нова валута.“

Господин Менг со себе, како рачен багаж, ќе однесе најмалку една вазна од 70.000 евра. Наскоро таа, по 200 години во странство, повторно ќе се врати дома во Пекинг.

Автор: Шенјун Лиу/ Светлана Брик

Редактор: Александра Трајковска