1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кинезите и Русите најмногу подмитуваат

Митото е секојдневие во глобалното стопанство. Овој модел на склучување зделки е особено омилен кај руските и кинеските претпријатија. Во Германија ситуацијата е малку подобрена.

default

Штетата по имиџот на концернот „Сименс“ беше огромна, кога државното обвинителство во Минхен на крајот на 2006 година при рација наиде на компромитирачки материјал. Според него, претпријатието со години и систематски ловело големи налози ширум светот. Станува збор за црни каси и плаќање мито во милијарди. Голем број менаџери мораа да одговараат пред суд.

Корупцискиот скандал во „Сименс“ се смета за најдолна точка за економски криминал „made in Germany“. Можно е скандалот да доведе до промена на свеста кај раковoдните лица во германскитe фирми, барем делумно. Имено, според актуелниот индекс за корупција на „Транспаренси интернешнл“ Германија во споредба со 2008 година од петото се подобри на четвртото место. Според ова рангирање, корупциjата е помалку распространета само во Холандија, Швајцарија и Белгија. Триото на крајот на списокот со 28 економски силни земји го формираат Русија, Кина и Мексико.

Infografik Bestechungszahlerindex von 28 führenden Exportstaaten

Инфографика за состојбата со корупцијата во 28-те економски силни земји

„Транспаренси“: Г20 земјите мораат повеќе да сторат

За да се одреди индексот за корупција за 2011 година беа испитани околу 3000 бизнисмени за тоа колку се подготвени во странство со плаќање на мито да издејствуваат предност. Поткупот се плаќа за добивање јавни тендери, да се избегнат законите или да се изврши влијание врз политичарите. Напредок во борбата против корупцијата шефот на „Транспаренси“ Игет Лабел очекува пред се’ од 20-те водечките економски нации. Тие во 2010 година се обврзаа да преземат конкретни чекори, а првите резултати треба да бидат претставени на самитот на Г20 во Кан.

Игет Лабел смета дека пред се’ во Кина, Индија, Индонезија и Русија има потреба од реформи. Таа апелира до Г20, со соодветни закони да ги зголемат шансите за светското стопанство да биде поотворено и пофер. Со тоа би можеле да бидат постигнати предусловите за одржливо економско опоравување и стабилност за идниот развој, се вели во соопштението објавено истовремено во Лондон и Берлин.

Трговијата со нафта и гас се особено подложни на корупција

Покрај проценката на земјите, во актуелната студија за корупција се направени и 19 студии за тоа колку одредени економски гранки од јавниот и приватниот сектор се подложни на корупција. Студиите, според експертите на „Транспаренси“ потврдуваат една стара констатација: мито особено често се плаќа на градежни фирми, нафтени претпријатија и фирми испорачатели на гас. Во Нигерија, земја богата со нафта, само во 2010/2011 година биле поткупени државни службеници со 3,2 милијарди долари.

Голема критика до германската политика упати претседателот на германската секција на „Транспаренси“, Еда Милер. Конвенцијата против корупција усвоена од ОН во 2005 година конечно мора да биде ратификувана. Германија, за разлика од 154 други земји, го нема сторено тоа, бидејќи недостасува законска основа. Според важечките закони, подмитување на претеници е казниво дури тогаш, кога гласовите во вистинска смисла на зборот ќе бидат купени, за да се постигне посакуваниот резултат.

„Транспаренси“ застапува правно гледиште дека вообичаеното сфаќање на пратеникот за мандатот мора да опфати и „сомнителни влијанија“. Затоа оваа антикорупциската организација со години бара парламентарците јавно да мора да ги објават сите примања, без оглед на висината. За сега меѓутоа нема законска обврска за народните избраници во тој поглед.

Автор: Марсел Фирстенау/ Александра Трајковска

Редактор: Борис Георгиевски