1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кинезите го спасуваат Пежо

По неколкумесечни преговори, францускиот автопроизводител Пежо, кој е во криза, ги презентираше своите спасители - кинескиот партнер Донгфенг и француската држава.

Дoнгфенг и француската држава ќе инвестираат по 800 милиони евра во Пежо, за што ќе добијат удел од по 14%, а останатиот дел од парите за спас треба да дојдe од старите акционери во автомобилскиот концерн. Семејството Пежо со тоа паѓа на удел од 14%. Планот за спас беше до последен момент спорен во рамки на семејството Пежо, кое досега имаше удел од 25%, а контролираше 38% од правото на глас.

Кинеското влијание треба да остане ограничено

Според планот за спас, ниту Донгфенг, ни француската држава, ниту пак семејството Пежо не смеат да го зголемуваат својот удел во наредните 10 години. Со тоа се одговара пред се‘ на загриженоста од преголемо кинеско влијание во концернот. Нов шеф на Пежо на крајот на март ќе стане поранешниот врвен менаџер на Рено, Карлос Таварес.

Донгфенг со оваа зделка добива пристап до позната марка и напредна технологија, со што може да го зголеми својот удел на кинескиот пазар на автомобили. Тој пазар, мерено според бројот на продадени возила, е најголем на светот, но на него владее и огромна конкуренција.

Огромни загуби

Минатата година Пежо забележа нето загуби од 2,32 милијарди евра. Во 2012 година загубата изнесуваше дури 5 милијарди евра. Обртот во 2013 година падна за 2,4 проценти и изнесуваше 54 милијарди евра.

Новата финансиска помош за Пежо е неопходна поради тоа што наредната година истекува државната гаранција од над седум милијарди евра, која досега го одржува концернот во живот. Пежо е најголем автопроизводител во Франција и по германски Фолксваген е втор по големина во Европа.