1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: Уште четири лица заразени со птичји грип

Во Кина денеска се забележани четири нови случаи на заразa со грипот од типот Х7Н9, со што бројот на зaболени лица се искачи на 55.

Кинескиот центар за сузбивање на инфективни болести соопшти дека сите новозаразени лица од грипот Х7Н9 се наоѓаат во тешка здравствена состојба. Две заболени лица се од градот Хушжоу во северна Кина, едно лице е од градот Ханџо во источна Кина, а за четвртото лице се верува дека со вирусот е заразено додека било на пат кон градот Венџу.

Спроед официјалните информации, досега од вирусот на птичји грип од новиот тип Х7Н9 починале 11 лица.

До вчера, присутноста на новиот вид на вирусот на птичјиот грип означен со Х7Н9 меѓу луѓето официјално беше ограничена на три покраини на истокот од Кина, во Жеџијанг, Џиангсу и Анхуи, и на областа на источната метропола Шангај.

Меѓутоа, вирусот вчера беше регистриран и во главниот град Пекинг, каде што властите соопштија дека вирусот е откриен кај седумгодишно девојче, а два од четирите новооткриени случаи денеска се во северниот дел на Кина.

Пред овие случаи кои неодамна се забележани во Кина, видот на вирусот на птичјиот грип H7N9 не се пренесуваше ниту на човекот, ниту од човек на човек. Како и кај најраширениот тип вирус Х5Н1, научниците стравуваат дека поради мутација на вирусот, болеста би можела да се пренесува од човек на човек, што може да предизвика пандемија.