1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина се пребројува

Колку жители има Кина? На ова прашање не може да одговори ниту самата држава. Затоа од вчера почна најголемиот попис на населението во светот, кој отвора огромни логистички и организаторски предизвици.

default

Според последниот попис, во Кина живеат 1.3 милијарди жители

Со години во Кина се` е во движење. Во Пекинг, но и во многу други големи кинески градови, секој ден пристигнуваат огромен број луѓе од сиромашната внатрешност во потрага по подобар живот. Меѓутоа, колкав е точниот број на овие лица - никој не може да каже.

Проценките не се совпаѓаат, вели Дуан Ченгронг, експерт по миграциски прашања од Народниот универзитет во Пекинг: „Според официјалните податоци од 2005 година, во Кина има околу 150 милиони лица, кои ги напуштиле своите живеалишта во потрага по работно место. Многумина експерти тврдат дека овој број е премногу низок. Јас мислам дека станува збор за околу 250 милиони. Меѓутоа, колку навистина ги има, дали 150 или 250 милиони, никој не знае. Затоа мора да се спроведе попис на населението“, вели Ченгронг.

Тоа воедно ќе биде најголемиот проблем на шесте милиони попишувачи во наредните десет дена - да се лоцираат и регистрираат домашните гастарбајтери. Многумина од нив живеат во заеднички живеалишта или, пак, си делат скромно уредени станови. Таму се спие на смени, понекогаш дури и на под.

Приватната сфера им е се` поважна на Кинезите

China Alltag Land und Leute in Peking Bauarbeiter

Во потрага по парче леб во големиот град - градежни работници во Пекинг

Меѓутоа, тоа не е единственото што им создава главоболки на попишувачите, вели Фенг Најлин од Службата за статистика во Пекинг: „Граѓаните многу помалку соработуваат, отколку порано, тоа е голем проблем. Можеби тоа се должи на фактот што животниот стил се промени, темпото е побрзо, луѓето и` придаваат се` поголемо значење на сопствената приватна сфера“, нагласува Најлин.

За разлика од времето на Мао Це Тунг, кога беше сосема нормално држвата да се меша во приватниот живот на граѓаните, денешните Кинези нерадо го дозволуваат тоа. За време на пробниот попис летово, службениците на Бирото за статистика честопати остануваа пред затворени врати. Затоа вицепремиерот Ли Кеќианг апелира до жителите да учестуваат: „Се надеваме дека сите ќе соработуваат, со цел податоците од пописот да бидат коректни, реални и потполни. Заедно ќе го спроведеме шестиот успешен попис во историјата на Кина“, вели Кеќианг.

Скокотливите прашања се изоставени

China - Kinder Bevölkerung Erziehung Bildung Schule Armut

Строгата семејна политика предвидува едно дете по семејство

Најголемиот дел од населението, деведесет проценти, треба да одговорат на 18 прашања, останатите десет проценти на дури 45. Пописот на населението првпат ги опфаќа и странците во земјата, кои ќе треба да одговорат на осум прашања. Религиозната припадност или висината на платите се изоставени. Властите се надеваат дека на тој начин ќе ги мотивираат граѓаните да учествуваат во пописот.

Обичните граѓани тврдат дека нема што да кријат. Меѓутоа, факт е дека многумина би сакале да премолчат некои факти, како на пример бројот на деца. Поради строгата политика за едно дете по семејство, експертите предвидуваат дека е голем бројот на родители, кои воопшто не го пријавуваат второто или третото дете. Останува отворено прашањето дали тие би соработувале со попишувачите на населението, кои ги испраќа државата.

Автор: Рут Кирхнер / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска