1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина се бори против корупцијата

Новиот претседател на Кина најави борба против корупцијата, без оглед на која позиција се наоѓа осомничениот. Висок по ранг економски планер сега е отпуштен по откритија објавени на интернет.

Под сомнеж за корупција отпуштен е заменик-шефот на Комисијата за развој и реформи, Лиу Тиенан. Против 58 годишниот вицеминистер (на насловната фотографија) на највисоката кинеска институција за економско планирање ќе се води истрага поради „тешки дисциплински прекршоци“ - еуфемизам за корупција, информираше надлежниот орган на комунистичката партија. Лиу до март исто така беше шеф и на Националната комисија за енергија, највисокото надзорно тело на кинеското енергетско стопанство.

Во декември мината година заменик главниот уредник на магазинот „Каиџинг“, Луо Чангпинг во неговиот блог подигна тешки обвиненија против вицеминистерот и неговото семејство поради коруптивни интриги. Станува збор за учество на неговата сопруга и на неговиот син во една инвестмент фирма, која откупила државни фабрики за хартија, пишува дневниот весник „Чајна дејли“. Лиу помогнал да се организираат кредити за шефот на претпријатието, додека неговиот син за возврат требало да добие големи суми преку различни сметки.

Ова е првпат во  Кина, преку обелоденувања на интернет висок по ранг политичар на министерско ниво да биде цел на истрага поради корупција.

Отпуштањето се толкува како знак на новиот претседател на државата и на партијата Кси Џинпинг, дека е сериозен во најавите за борба против корупцијата. Според неговите зборови  новиот претседател има намера да преземе мерки против корумпирани функционери, без оглед на нивната општествена позиција.

Минатиот месец поранешниот министер за железница Лиу Жијун, отпуштен во февруари 2012 година, формално беше обвинет поради корупција и злоупотреба на функцијата. Пред една година за слични „тешки дисциплински прекршоци“ се товареше и соборениот член на политбирото Бо Ксилаи, кои и натаму чека на процес против него.