1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина почна да поставува услови

Наместо кон Западот, учесниците на овогодишната Минхенска безбедносна конференција ги насочија погледите кон Истокот. Кинескиот министер за надворешни работи ја отвори Конференцијата и испрати неколку јасни пораки.

default

Министерот Џиечи ја отвори конференцијата во Минхен

Било да се работи за заштитата на климата или санкции против Иран - без Кина денес не може да се реши ниту еден меѓународен проблем. Затоа пленумот со цело внимание го следеше говорот на Јанг Џиечи, кој стана првиот кинески министер за надворешни работи, кој зборува на Минхенската безбедносна конференција. Тој побара почитување на ставовите на неговата земја околу спорните прашања - ова е незаменлива основа за добра соработка, истакна Џиечи:

„Се надеваме дека Европа објективно гледа на Кина и сфаќа дека развојот на Кина не преставува закана, туку можност. Не очекуваме Европа и Кина секогаш да имаат исто мислење за се` - не се плашиме од разлики.“

Заострени односи со САД

Symbolbild Waffenhandel USA Taiwan

Американско-тајванската зделка ги налути Кинезите

А тие се покажаа уште кога стана збор за заштитата на климата: многумина од присутните нишаа со главите кога Џиечи ја оцени климатската конференција во Копенхаген како успешна - таму на Кинезите им успеа да избегнат обврзување да ги намалат емисиите на штетни гасови. Меѓутоа, кинеската влада многу сериозно и` пристапува на заштитата на климата, истакна министерот Џиечи:

„До 2020 година сакаме да ги намалиме емисиите на јаглероден диоксид за 40-45 проценти, во споредба со нивото до 2005 година.“

Јасни пораки Јанг упати и на сметка на американските политичари во салата: САД треба да престанат да му продаваат оружје на Тајван:

„Се надевам дека САД ќе го променат своето однесување и ќе престанат со продавање оружје на Тајван“, истакна кинескиот министер за надворешни работи во Минхен.

Токму зделката меѓу Тајван и САД доведе до дипломатска криза меѓу двете земји, а планираната средба на американскиот претседател Барак Обама со тибетанскиот духовниот лидер, Далај Лама, уште повеќе ги заостри односите.

Нема веќе изговори

Dossier Iran Atomprogramm Teil 2

Кина: Иран има право на атомска енергија

И околу спорната атомска програма на Иран има големи разлики во мислењеата. Додека Западот се залага за повеќе санкции, Кина останува на својот став: мора да се продолжи со преговорите, а освен тоа, Иран има право на користење атомска енергија за цивилни потреби. Ненадејното доаѓање на Мотаки, иранскиот министер за надворешни работи во Минхен, уште еднаш ги подгреа надежите дека навистина би можело да дојде поместување во спорот околу атомската програма ан Иран, како што пред неколку дена навести и иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад.

Германскиот министер за одбрана, Карл Теодор цу Гутенберг, сега очекува јасни сигнали од Мотаки.

„Пожелно би било овој викенд да се добие јасен, недвосмислен сингал“, истакна Цу Гутенберг.

А ова совршено одговара на мотото на годинешната Безбедносна конференција во Минхен - „Нема веќе изговори“.

Автор: Нина Веркхојзер / Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски

DW.COM