1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина побара прекин на насилството во Сирија

Кина денеска побара ставање крај на насилството во Сирија, откако режимот на Башар ал-Асад предизвика меѓународен бес по блокирањето на хуманитарната помош за населението во Баба Амро, во градот Хомс.

Кина денеска побара ставање крај на насилството во Сирија, откако режимот на Башар ал-Асад предизвика меѓународен бес по блокирањето на хуманитарната помош за населението во Баба Амро, во градот Хомс.

Кина, која двапати и’ се приклучи на Русија во блокирањето на резолуциите за Сирија на Советот за безбедност на ОН, сега ги повика сите страни во Сирија безусловно да го прекинат насилството во Сирија. Од кинеското МНР ги повикаа сириските власти да водат дијалог со оние кои изразуваат „политички аспирации“. Но, анонимниот извор од кинеското МНР додаде и дека тие се противат „на секое мешање во сириските внатрешни работи под изговор за ’хуманитарни’ прашања“.

Во меѓувреме, претставници на Црвениот крст со седум камиони со хуманитарна и медицинска помош чекаат дозвола од сириските власти да влезат во населбата Баба Амро во градот Хомс, откако вчера беа спречени во намерата да достават помош до загрозеното население. Хуманитарни работници од Црвениот крст и Црвената полумесечина утрово влегле во село околината на Хомс, а планирано е да достават хуманитарна помош и во две други населби во овој град, во кои се наоѓаат фамилии пребегани од населбата Баба Амро, каде со недели се водат жестоки напади.

„Ова е позитивен чекор, но ние сакаме да влеземе во Баба Амр денеска“, рече во Виена портпаролот на меѓународниот комитет на Црвениот крст Хичам Хасан.

А, гранатирањата на опозициските упоришта во Сирија продолжија и денеска со напади на градот Растан во централната провинција Хомс. При нападите се користеле и воени авиони, информираа членови на сириската опозиција.

„Вашингтон пост“ денеска известува дека властите во Сирија добиваат зголемена воена и разузнавачка поддршка од Иран, со цел да го задушат бунтот на опозицијата. Весникот цитира тројца американски функционери, кои имале пристап до разузнавачки извештаи од тој регион. Весникот тврди дека Техеран ги зголемил снабдувањата со оружје и друга помош за режимот на Асад.

Автор: Александар Методијев /афп/дпа/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска