1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина одбива „шок-терапија“ за јуанот

ММФ и Светската банка ја завршија тридневната есенска средба, без консензус околу начините за порамнување на глобалните економски дисбаланси и завршување на „монетарната војна“ за вредноста на кинеската валута.

default

Меѓународниот монетарен фонд, кој се обидува да најде начини за надминување на разликите меѓу водечките економии во светот, меѓу кои Кина, ЕУ и САД, соопшти дека ќе продолжи и натаму да бара нови патишта за постигнување рамнотежа, кога се вредностите на глобалните валути во прашање. Во изминативе месеции тензиите меѓу Западот и Пекинг се` повеќе се таложат, поради барањата на западните економии за ревалвација на јуанот.

„Додека меѓународниот монетарен систем се покажа како стабилен, тензиите и натаму продолжуваат како резултат на се` поголемата глобална нерамнотежа, промените во курсот на валутите и прашањето околу снабдувањето и акумулацијата на државни резерви“, се вели во завршното соопштение на ММФ по советувањата во Вашингтон.

Logo der Herbsttagung von IWF und Weltbank

„Полицаецот“ на светската монетарна политика не успеа да го реши валутниот спор

Сепак, во изјавата на Монетарниот и финансиски комитет на ММФ, политичкото тело на организацијата, изостана повикот до Кина, или до која било друга држава, да престане да се служи со валутниот курс и државните резерви, со цел да го поттикне извозот.

Американскиот министер за финансии, Тимоти Гајтнер, претходно нагласи дека ММФ мора да го засили надзорот врз курсот на валутите и акумулирањето на државни резерви. Шефот на Европската централна банка, пак, Жан-Клод Трише искажа поголем оптимизам дека меѓународната заедница ќе најде начини за поблиска соработка во монетарната политика.

Ревалвација на јуанот ќе биде погубна за кинескиот извоз

Кина во Вашингтон ја претставуваше првиот банкар на земјата, Зоу Ксиаочуан, кој ги одби барањата за брза ревалвација на јуанот. Тој соопшти дека Кина е подготвена тоа да го прави постепено, наместо да се впушта во „шок-терапија“. Овој став го делат многу економисти, кои тврдат дека доколку Кина наеднаш воведе ревалвација на националната валута, тоа би можело да предизвика пропаѓање на многу кинески извозно ориентирани фирми, губење на работни места, па дури и социјални немири.

По најавата на кинеската Централна банка дека ќе се откаже од крутото врзување на вредноста на јуанот за доларот, од јуни тој е ревалвиран за само 1,8 проценти. Европа и САД, пак, сметаат дека е потребна ревалвација од 40 проценти.

Автор: ТТ/ЖА/дпа/афп/ртре

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM