1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: Нов случај на смртоносен птичји грип

Нов случај на птичји грип од типот Х7Н9 беше регистриран во јужниот дел од Кина во провинцијата Гуангдонг. Заразена е 51-годишна жена, која била примена во болница на 3 август и се наоѓа во критична состојба.

Жената кај која е потврдена заразата со вирусот од типот Х7Н9 работела со живина на локален пазар. Таа се наоѓа во критична здравствена состојба откако била примена во болница на крајот на минатата недела, објави министерството за здравство кинеската покраина Гуангдонг. Инаку станува збор за прв официјално регистриран случај на зараза со овој смртоносен вирус во покраината Гуангдонг.

Првиот случај на вирусот Х7Н9 вирусот кај човекот е забележан кон крајот на март во Кина и од тогаш се потврдени 134 случаи на зараза, вклучувајќи го и последниот во покраината Гуангдонг, а 44 лица во меѓувреме починаа од последиците на болеста.

Најголем број смртни случаи е регистриран во источниот дел од земјата, а за најголем дел заболени и починатите е докажано дека биле во контакт со живина.

Во последните недели бројот нови случаи значително беше намален, меѓутоа научниците, според написот објавен во медицинското списание „Лансет“, веруваат дека нивниот број може да се зголеми есенва по летното затишје.

Кинеските научници минатата седмица го регистрираа првиот случај на пренесување на овој вид птичји грип од човек на човек.