1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина „ниже“ економски рекорди

Пред две години Кина ја премина Германија и ја турна на четврто место меѓу најголемите стопанства во светот. Сега се искачува на втората позиција, зад САД, оставајќи ја Јапонија зад себе.

default

Во вториот квартал од 2010 кинеското стопанство постигна пораст со стапка од повеќе од девет проценти проектирано на годишно ниво, а домашниот бруто производ, според првичните пресметки, достигна 1,33 билиони односно илјада триста и триесет милијарди долари. Севкупното постигнување на јапонското стопанство е помало за околу 53 милијарди долари. Со оглед на трендот кај порастот, нема сомнение дека Кина ќе ја задржи сега освоената втора позиција. Патем, годинава се предвидува зад Германија, на петто место да биде стопанството на Франција, пред економиите на Велика Британија, Италија и Бразил на осмата позиција - како и Кина, уште една од земјите во забрзан подем. Државно контролираните медиуми таму не се осврнаа директно на оваа промена во врвот на светската економија, која ги зацврстува аспирациите на земјата повеќе да и’ се слуша гласот.

Wirtschaft in China Bauarbeiter

Работници одмораат на градилиште во Пекинг

Најголем загадувач и најголем извозник

Кина од пред две години е и најголем извозник во светот, ги премина и САД како најголем потрошувач на енергија, таа е најголем производител на челик и најголем пазар за автомобили во светот. Истовремено, Кина е и негов најголем загадувач според емисиите на гасови што предизвикуваат ефект на оранжерија. За индустриските нации кинескиот стопански пораст беше еден од решавачките фактори за надминување на економската криза.

„И во екот на финансиската криза кинескиот пораст беше релативно робустен, што, се разбира, создава доверба кај претпријатијата да продолжат да инвестираат, а кај луѓето да продолжат да трошат“, нагласува Луј Којс, аналитичар од Светската банка.

Покрај се’, Кина уште има и мало задолжување на државата и огромни девизни резерви.

Лу Женгвеи, економист од Индастриал бенк, вели дека не треба да се преценува податокот дека Кина е втора најголема светска економија. „Поважни се приходот по глава на жител, мрежата на социјална заштита за обичните граѓани и инфраструктурата - а тука ние уште клинкаме далеку поназад“, ги пренесува агенцијата ДПА зборовите на Лу.

Кина сака од обична работилница на светот да стане „хај-тек“ нација. Кинеската влада масивно инвестира во образовниот сектор - во последните десет години буџетот за образование е десеткратно зголемен. Секоја година од кинеските универзитети и високи школи излегуваат 700 илјади дипломирани инженери, со тренд на пораст.

Автор: Кристоф Кобер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска