1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: напред во минатото

Кина се обидува на тежок спој: либерализацијата на кинеската економија се соочува со неомаоистичка политика. Новата власт со помош на „седумте табуа“ настојува да ја ограничи економијата, но и граѓанските слободи.

Процесот против поранешниот политичар Бо Силај во Кина го привлече вниманието и на Западот. Кинеската комунистичка партија со тој процес проба да подвлече линија под најголемиот политички скандал во последниве децении. Со тој поранешен политичар зад решетки исчезнува надежта на таканаречените „Нови Леви“. Меѓутоа, неомаоистичката политика, која тој ја започна, и понатаму живее. Продолжи да ја спроведува неговиот политички противник, новиот шеф на државата и партијата, Кси Џинпинг.

Експертите за Кина веќе подолго време забележуваат ротација на новото кинеско политичко водство во насока на маоистичката теорија. Хонгконшкиот публицист Вили Лам пишува книга за Кси Џинпинг. Наведува дека Кси, откако во ноември минатата година беше прогласен за претседател на партијата,тргна во конзервативна насока, која би можела да се нарече маоистичка. Новиот шеф на државата и партијата навистина до одредена мера се повикува на наследството на Мао. Презема одредени мерки со цел партијата да се исчисти од „екстравагантност“ и корупција.

Bo Xilai vor Gericht 24. August 2013

Неомаостичката политика на осудениот Бо Силај и понатаму живее

Седум табу теми

Според тоа, наведува Вили Лам, новото партиско водство ја засили контролата и на иделогијата и на масовните медиуми. Тој новинар од Хонг Конг притоа, упатува на таканаречен „документ бр. 9“. Во тој документ, кој циркулира во дел од земјата и партиските кругови, се предупредува од седум опасности по државната идеологија. Станува збор за теми, кои не смеат да бидат застапени во медиумите, ниту училиштата ниту универзитетите, а тоа се: универзалните вредности, цивилното општество, граѓанските права, слободата на медиумите, независноста на судството, грешките на партиите во минатото и привилегиите на вработените.

Од јули годинава веќе се врши насочување на медиумите. Како што се наведува во владините Народни весници, квалитетот на новинарството попушти, поради што повеќе од 300.000 медиумиски работници мора да присуствуваат на повеќедневни семинари, во кои им се доближуваат „клучните вредности“.

Себастијан Хајлман, експерт за Кина од Универзитетот во Трир, во повторното приближување на маоистичките перцепции гледа реторички потег. „Политичкото водство сака поддршка во левиот спектар на општеството. И тоа не треба да се потцени. Дури и во јужнокинеската провинција Гуангдонг, која е во економски пораст, 38 отсто од граѓаните се наклонети кон левичарските позиции. А се чувствува и извесна Мао-носталгија. Тука се работи за прашањето за социјална правда и тоа се големи сили, кое ниедно кинеско водство не може да ги игнорира“, истакнува Хајлман, осврнувајќи се на се` поголемиот јаз помеѓу богатите и сиромашните во Кина.

Двојна игра

Меѓутоа, не останува се` на чиста реторика. Владата на Кси Џинпинг нареди да се затворат многу неистомисленици. Уапсени се меѓутоа, меѓу другите и застапниците на таканаречениот „конституционализам“, кои само бараа Владата да ги почитува рамковните услови на кинескиот Устав.

Исто така, мета станаа и борците за човекови права, кои бараа транспарентност на имотната состојба на партиските службеници. Притоа Кси Џинпинг и самиот за една од целите на неговиот мандат го постави сузбивањето на корупцијата.

China Nationaler Volkskongress 2013 Xi Jinping

Претседателот на Кина Кси Џинпинг

За октомври е закажана третата пленарна седница на Централниот комитет на Комунистичката партија на Народна Република Кина. Тогаш најверојатно ќе се претстават плановите за економски реформи на новата Влада. Надежи се полагаат во програмата која е повеќе ориентирана на внатрешната потрошувачка во земјата и поголема претприемачка слобода, за да се одржи економскиот раст. Експертот за Кина, Себастијан Хајлман, пред се` очекува да се добие поголема помош за малите и средните приватни компании, а тоа сигурно не е левичарска политика. Хајлман тука зборува за „двојна игра“:„Во областа на економските реформи, постои јасно определување. А во областа на политиката се сака да се спроведе консолидирање на моќта - а за таа цел се посегнува по левичарската реторика“.

Вили Лам напоменува дека економијата „може да се либерализира во одреден обем. Но во политичката и идеолошката арена и натаму се врши силна контрола, а мислењата, кои отстапуваат, не се толерираат“.