1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина и Германија заеднички на лентата за претекнување

Потсдам, Берлин, Месеберг, на првиот ден од својата посета на Германија кинескиот премиер Ли Кечијанг имаше набиена програма. Во Берлин тој се сретна со канцеларката Ангела Меркел.

Кина и Германија планираат уште потесна меѓусебна економска соработка, таа е во фокусот на првата посета на Берлин на кинескиот премиер Ли Кечијанг. Кина, по бројните скандали со прехранбени производи, сака да профитира од германското ноу-хау во областа на енергијата и екологијата. Германските концерни пак сакаат уште подобри резултати на огромниот кинески пазар. Така, автомобилскиот производител „Фолксваген“ и кинескиот партнер „САИК“ договорија изградба на фабрика во Чангша, хемискиот концерн „БАСФ“ планира во Ксинџианг учество во два нови џоинт венчрс, „Сименс“ пронајде нови муштерии за гасните турбини и преработката на сирова нафта, а потпишан е и договорот за изградба на четири нови транспортни бродови. Кина и Германија во меѓувреме имаат многу интензивни и тесни односи, изјави канцеларката Ангела Меркел пред новинарите, појавувајќи се со својот гостин.

Постојат и проблеми

Но, не е се‘ така непроблематично како што изгледа. Европската комисија тукушто поведе анти-дампинг постапка и се заканува со казна тешка милијарди евра поради евтините соларни модули од Кина.

„Не сме согласни со оваа одлука и решително ја отфрлуваме“, изјави Ли во Берлин. Одлуката на ЕК нема да предизвика само укинување на работни места во Кина и да го загрози развојот на засегнатите бранши, туку „ќе биде опасност и за развојот на браншите во Европа, како и за интересите на консументите и индустријата во Европа“. Што сакаше со тоа да каже Ли, би било следното - тогаш Кина би ги продавала своите соларни производи на други земји.

Комплицирана ситуација

За компромис не останува многу време, зашто до 5 јуни мора да биде постигнато некое решение. Канцеларката изјави дека се работи за комплицирана ситуација. ЕК има извесни права, но протекционизмот не е одговор при меѓусебните добри односи во глобален, отворен свет.

„Затоа, Германија ќе се залага за решавање на конфликтите преку преговори, не само во браншата на соларната енергија, туку и во телекомуникациите“, изјави Меркел. Според неа, не смее да се влезе во некој вид воведување меѓусебни царини.

Нејзиниот гостин тоа знае да го цени.

„Јас го почитувам Вашето мислење“, се заблагодари Ли Кечијанг. Но, тој не остави сомнеж во тоа Кина да се спротистави на заканувачкото воведување казнени царини. Ли сепак го потенцираше интересот на Кина за добри односи со ЕУ.

„Се надевам дека Кина и ЕУ еден ден со склучување договор за слободна трговија ќе направат голем исчекор“, изјави Ли. Притоа, кинеско-германските односи можат да служат за пример.

Тема во Берлин се и европската должничка криза и еврото. Ли Кечијанг го повтори кинескиот интерес за одржување на стабилно евро. Тоа не е добро само за Европа, туку и за кинескиот развој. Кина држи дел од своите девизни резерви во европската заедничка валута и постојано се изјаснува за повеќе водечки валути покрај американскиот долар, за што канцеларката изрази благодарност.

Германија е единствената ЕУ-земја која ја посетува кинескиот премиер. Тој предходно ги посети Индија, Пакистан и Швајцарија. Во Берлин Ли пристигна во саботата, а денеска е предводено да води разговори со шефот на СПД, Зигмар Габриел, кандидатот за канцелар на СПД, Пер Штајнбрик и поранешниот канцелар, Хелмут Шмит.