1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина е прва, па што?

Германија, која седум години по ред е светски првак во извоз - ја губи титулата. Сојузниот завод за статистика во Визбаден соопшти дека првпат на ранг-листата води Кина.

default

Германија во 2009 година извезла стоки во висина од 734 милијарди евра, Кина во висина од 746 милијарди и со тоа првпат е светски првак во извоз. Но, на Улрих Медер, член на раководниот тим на Германската трговска комора во Шангај, за ваквата ранг-листа му се сосема сеедно.

„Воопшто не е толку важно. Кина има 1,3 милијарди луѓе, ние 80 милиони. Германија, според мене, има најстабилна економска политика и е најстабилна земја во светот воопшто. Мислам дека Германија нема причина за загриженост, сеедно дали е на прво место или на второ. Тоа, во принцип, не игра никаква улога.“

Задача на Кина - да се намали зависноста од извоз

China Deutschland Volkswagen Absatz VW Werk in Changchun

Кинеската извозна статистика ги вклучува и странските фирми кои произведуваат во Кина

Така размислуваат многу германски претприемачи. Улрих Медер над 30 години има фабрика за текстил во Кина. Тој е добар пример за тоа зошто Германците се опуштени - кинеската извозна статистика ги вклучува и странските фирми кои произведуваат во Кина. Во Кина ионака на прашањето - светски првак во извоз или не, се гледа поопуштено отколку во Германија. Во Кина многу повеќе се работи на тоа да се намали зависноста од извозот и да се зајакне внатрешната економија.

Динамичен муштерија

Кина и Германија поради економската криза бележат намалена извозна сила за околу 18%. Сојузот на германски извозници, и покрај конкуренцијата, пред неколку дена ја опиша Кина како многу динамичен муштерија. Земјата сака да се ослободи од имиџот на „светска работилница“ и да стане продуцент на висока технологија. Германските претприемачи во Кина велат дека земјата има напредок на тој пат. Сепак, експертот за Кина во германското Друштво за надворешна политика Еберхард Зандшнајдер, предупредува дека не треба да се крева паника:

„Ако се погледне од трансатлантски аспект, Европејците во економско-политички поглед во сферата на технологијата им се конкуренти на нашите трансатлантски пријатели - Ербас контра Боинг, или Аријане контра Наса, или Галилео контра ЏиПиЕс. Во делот на основните технологии, Европејците научија дека не можат да се потпрат на тоа дека нашите американски пријатели ќе го споделат со нас се` она што го знаат и можат. Проблемот, според мене, е во тоа што во сферата на симболиката се работи по автоматизам, па се смета дека се` што е трансатлантско е добро, а се` што се однесува на Кина има врска само со Далај Лама и со човековите права. Тоа е погрешен поглед на нештата, кој на долги патеки може многу да не` чини.“

Еберхард Зандшнајдер оценува: ранг-листите како таа на светските извозници, во најдобар случај имаат значење за бомбастични наслови.

Автор: Астрид Фрејајсен / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска