1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: економски реформи - да, демократија - не

Кинеската комунистичка партија го обелодени планот за забрзување на економските реформи и зголемување на улогата на слободниот пазар. Земјата останува на патот на социјализмот и во следните „100 години“.

Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина вети поголема улога за слободниот пазар во обид да го унапреди економскиот модел кој во изминатиот период доведе до двоцифрен развој, но и стана пречка за натамошно развивање на земјата. Партијата вети дека ќе му овозможи на пазарот да игра „клучна улога“ во алокацијата на ресурси, со што потенцијално се ограничува моќта на огромните државни фирми.

Во соопштението по четиридневниот состанок на државниот врв се наведува дека државната сопственост ќе остане основа на стопанството, но се нагласува и дека приватното претприемништво има „значаен дел“ од стопанството.

Главна цел на реформите е подобрување и развој на социјализмот и модернизација на системот на управа, се наведува во соопштението од пленумот, кој кинеските медиуми го споредија со историскиот состанок од 1978. година кога на власт е вратен Денг Сјаопинг и започна процесот на реформи и отворање на кинеската економија.

Оценката на кинескиот државен врв е дека земјата е „во примарната фаза на социјализмот и уште долго ќе остане на тој пат“, со што се отфрла било каква можност за промени во правец на повеќепартиска демократија.

„Примарната фаза на кинеската социјална модернизација ќе трае повеќе од 100 години, и во тој период владеењето на партијата не смее да биде оспорено“, се наведува во партискиот устав.

Партијата вети зголемување на правата на земјопоседништво во руралните делови, подобрување на животните услови и животниот стандард и зајакнување на владеењето на правото.

„Економските реформи се клучни, а основната нишка е добрата врска меѓу владата и пазарите“, се вели во соопштението.

Партискиот лидер и претседател на државата Си Џинпинг го поднесе извештајот за реформите, што е негов прв чекор во најавените промени кои ги вети откако го наследи Ху Џинтао во ноември минатата година. Дел од неговите ветувања беше и пресметка со корупцијата во земјата.

Многу од договорените реформи не се очекува да бидат целосно објавени во следните години, а нивната имплементација веројатно ќе трае и подолго.

Основна цел на реформите е ребалансирање на втората светска економија и нејзино престројување и оттргнување од зависноста од извоз и инвестиции.