1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина – Германија: стопанските односи одлични!

Премиерот Ѓијабао во Минхен

Премиерот Ѓијабао во Минхен

Тоа што германскиот канцелар секогаш патува со голема стопанска делегација за Кина, тоа веќе никого не го чуди. Ама овој пат кинескиот премиер Вен Ѓијабао доаѓа во Берлин опколен со бројни претприемачи. Со таквиот потег Ѓијабао јасно става на знаење дека економските односи со Германија имаат висок приоритет во неговата политика и дека е сосема сериозен кога вели дека Германија е кинескиот најважен трговски партнер во Европа. Бројките само го потврдуваат ваквиот став: цели 42 милијарди долари годишно, односно дури една третина од вкупниот волумен на размена на Кина со ЕУ отпаѓаат на Германија. При тоа се поголем дел од тоа го произведуваат преку 600-те кинески претпријатија што отворија свои погони на германска почва.

Премиерот Вен Ѓијабао спроти посетата најави дека има намера до 2010. двојно да го зголеми обемот на трговската размена на Кина со светот. Бено фон Канштајн, претседател на германската трговска комора во Шангај, вака поставена цел ја смета за многу амбициозна:

“... но, доволно долго сме во Кина за да знаеме дека и вакви амбициозни цели, кои до пред неколку години сме ги сметале за неостварливи, дека можат да бидат реализирани. Со огромна волја и со соодветната поддршка и ова би било остварливо. Но, дека целта е многу, многу амбициозна – тоа останува и понатаму!“

Меѓу бројните примери на успешна соработка меѓу кионески и германски претпријатија секако се вбројуваат најавените нови инвестиции на Фолксваген во градот Далиан, што е веќе трета фабрика на големиот автомобилски концерн на кинеска почва. И Мерцедес има намера да почне да произведува возила на Северот од Кина. Концернот Сименс пак токму за време на посетата на премиерот Ѓијабао на Берлин треба да ги потпише договорите со кинескиот партнер Бирд, со што германскиот производител на мобилни телефони ќе добие пристап на целиот огромен кинески пазар.

“Забележуваме дека Кина и понатаму има голем интерес за увоз на висока технологија, но во меѓувреме се повеќе и за создавање сопствени претпријатија од ова подрачје преку џоинт-венчр претпријатија со германски фирми. Ова се однесува особено на полето на јавниот сообраќај, подземна железница, трансрапид и сл.“, вели шефот на трговската комора во Шангај, Боно фон Канштајн.

Германците во принцип немаат ништо против таквиот интерес на кинеските партнери, но дел од претпријатијата добро го промислуваат секој чекор, бидејќи во Кина се уште не е гарантирана интелектуалната сопственост. Тоа е впрочем и инаку еден од најголемите проблеми за германските инвеститори во Кина!