1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина воспостави воздушна одбранбена зона над спорни острови

Во спорот околу неколку острови во Источно-кинеското море, владата во Пекинг воспостави т.н „воздушна одбранбена зона“ над регионот. Станува збор за групата острови која во Јапонија се нарекува Сенкаку а во Кина Диаоју.

Спорните острови во Источно- кинеското море кои се под јапонска управа веќе подолго време внесуваат тензии во односите меѓу Пекинг и Токио. Кина со години полага право на островите Диаоју и постојано испраќа воени бродови во регионот, редовно провоцирајќи со тоа остри реакции од страна на владата во Токио. Минатата година ширум Кина имаше протести откако јапонската Влада купи три ненаселени острови кои дотогаш ги изнајмуваше од приватен јапоснки сопственик. Островите во приватна сопственост беа од 1972 година.И Јужна Кореја и Тајван исто така полагаат право на ненаселените острови во Источно-кинеското море. Најновата одлука на владата во Пекинг да воспостави „воздушна одбранбена зона“ во регионот на островите ги разгори стравувањата за продлабочување на конфорнтацијата меѓу Кина и Јапонија. Имено Кинеското министерство за одбрана денеска објави мапа на Воздушно одбранбени идентификациони зони во Источно-кинеското море, во кои се вклучени и спорните острови Диаоју.

Пекинг исто така објави и пакет прописи за одбранбената зона, нагласувајќи дека сите авиони кои ја надлетуваат зоната мора да ги известат кинеските власти, а доколку не се идентификуваат или не ги извршат наредбите на Пекинг ќе се преземат вонредни воени мерки. Но, Министерството за одбрана не прецизира какви казнени мерки ќе се применат, иако прописите денеска стапуваат во сила.

Јапонското Министерство за надворешни работи протестираше поради формирањето на одбранбена зона околу спорните острови. Претставник на јапонското МНР изјави дека со таквите мерки Кина соопштува дека островите се нејзини.