1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина вложува во неразвиената внатрешност

Кина работи на модернизирање на заостанатите рурални области - проект којшто им отвора големи можности и на германските претпријатија.

default

Фолксваген во Кина

Томас Хеберер е еден од малкумината експерти во Германија, кои секоја година го истражуваат кинескиот пазар. Во последниве пет години тој посетил тринаесет сиромашни покраини во народната република и е воодушевен од мноштвото идеи на Кинезите за унапредување на руралните области. Една од таквите иницијативи е насловена „Ји цун ји пин“: „Секоја општина и секое село треба да развие барем еден производ“, објаснува Хеберер.

Било да се работи за вид на чај, тутун, или, пак, куќи во традиционален кинески стил - сето тоа придонесува за развојот на туризмот.

China Mercedes Benz Reklame in Peking

Огромна реклама за „Мерцедес“ кај аеродромот во Пекинг

Големи вложувања - со ефект

Централната влада великодушно инвестира во таквите проекти. Најголемиот дел од пакетот за поддршка на конјунктурата, тежок 460 милијарди евра, беше вложен во заостанатите региони. Резултатот е очигледен: „Платите во изминатите пет години тројно се зголемија“, нагласува Хеберер.

Тие сега изнесуваат 5.000 јуани годишно, што е еднакво на 500 евра. Сепак, и покрај напредокот, оваа сума е само околу една третина од просечните примања во развиените кинески градови.

Зголемени производни трошоци

Јазот меѓу селските и градските подрачја, исто како и меѓу богатите и сиромашните, изминативе три децении се` повеќе се зголемува. Од кинескиот економски подем најмногу профитираа градовите во јужните и источните крајбрежни региони, додека внатрешноста на земјата заостанува во развојот. Во меѓувреме платите во развиените региони толку скокнаа, што аргументот дека работната сила во Кина е евтина веќе не држи.

Chinesisches Kraftwerk

Постројки на челичана и пагода во заднината во централна Кина

„Покраината Гуангдонг во меѓувреме стана прескапа“, вели Кристијан Брие, претседавач на управниот одбор на фирмата „Униплан“, која пред некоја година отвори филијала во таа покраина. Гледано од денешен аспект, Брие би донел поинаква одлука, кога е местоположбата во прашање. „Во секој случај ќе останевме во Кина, меѓутоа ќе отидевме нешто подлабоко во земјата.“

Вложувања во „ефтината“ внатрешност

Хемискиот концерн „БАСФ“ е една од компаниите која инвестира во западниот дел на Кина. Концернот од Лудвигсхафен вложи 3,6 милијарди евра во новиот погон во југозападниот град Чонгкинг...

„...каде треба да произведуваме пластика, односно полиуретан. Кинескиот економски раст сега се префрла во внатрешноста на земјата“, уверува Џон Фелдман, член на управниот одбор на „БАСФ“.

BdT China Landwirtschaft Reisernte

Полиња со ориз во Кина

Досега западниот дел на Кина придонесуваше само со 17 проценти во вкупниот бруто-национален производ. Нееднаквиот развој и поделба на придонесите во меѓувреме и за Кинезите претставува најпроблематичен фактор за социјалната стабилност. Со цел да го поттикне развојот на економски заостанатите области, Пекинг драстично ги зголемува инвестициите од 2008 година наваму. Годинава се планирани 80 милијарди евра. Средствата најмногу се вложуваат во инфраструктурата, од што профитираат германските претпријатија како „Сименс“.

Шанса е и земјоделската бранша

Професорот Томас Хеберер, познавач на состојбите во Кина и професор на универзитетот во Дуизбург и Есен, шанса за Германија гледа и во тоа...

„...земјоделската индустрија во Кина да се заложи за поголема соработка. Тоа се однесува на машини за обработка на земјата, размена на експертизи, меѓутоа и усовршување и обука на земјоделците, како и заштита на човековата околина.“

Автор: Жанг Данхонг/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска