1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кина: Благо приземјување на економијата, тврда линија во политиката

По десет дена заседавање, во Пекинг заврши годишното собрание на Народниот конгрес. Конгресот е една од ретките можност да се „ѕирне“ во затворената кинеска политика.

Една од најважните теми на годишното собрание на Народниот конгрес беше економскиот развој на Кина. Премиерот Вен Џиабао во својот извештај констатира дека се очекува побавен развој - кинеската економија годинава ќе порасне за „само“ 7,5 проценти. Со години претходно развојот беше проектиран на 8 проценти. Се велеше дека ако порастот е помал, нема да се отворат доволно работни места за да се зачува социјалната стабилност во земјата. На крајот стопанството секогаш бележеше поголем пораст.

Зошто сега раководството во Пекинг се откажува од високо ценатата бројка во Кина - осум, која е симбол на среќа? Кина има поитни задачи за решавање, вели Гу Ксуеву, директор на Центарот за глобални студии во Бон:

„Најважните задачи на Кинезите во моментов се намалување на предимензионираните капацитети и оптимирање на економските структури. За да се совладаат социјалните предизвици или да се отворат работни места не е потребен пораст од 8%.“

China Premierminister Wen Jiabao Pressekonferenz Peking 14.03.2012

Кинескиот премиер Вен Џиабао очекува побавен економски пораст

Треба да се работи на квалитетот и одржливоста на порастот. Со оглед на неповолниот економски развој во САД и Европа, како и со тоа поврзаното намалување на кинескиот извоз, помала цел во поглед на порастот е „пореална“, оценува политичкиот коментатор Вили Лам од Хонгконг.

„Не смее да се заборави дека порастот во текот на изминатите години, значи од финансиската криза во 2008 година, се потпираше врз државни инвестиции. Тоа, меѓутоа, не е долгорочно решение. Пекинг сега повеќе работи на поттик на внатрешната потрошувачка.“

Кина сака да го зголеми влијанието во Азија

Воениот буџет на Кина годинава порасна за 11,2%. Двоцифрен пораст на давачките за армијата имаше и во изминатите години. Кина сака да го зголеми своето влијание во Азија, убеден е Лам:

„САД, поради финансиската состојба, мора да го кратат својот воен буџет. Тоа за Кина е шанса да ги ’претрка’, особено во делот на морнарицата и на авијацијата.“

Сепак, за некои експерти, меѓу кои е и Лам, друга бројка е поалармантна - давачките за „задржување на стабилноста на земјата“, значи за полицијата и безбедносните власти, се уште повисоки од давачките за армијата. Во земјата годишно, според Лам, се регистрираат околу 120.000 протести и безредија, што е над 300 дневно. За да ја задржи состојбата под контрола, Пекинг го зголемува полицискиот апарат.

Во Тибет и Ксинџијанг состојбата е особено напрегната. Барањата на дел од интелектуалците за реформа на политиката за малцинствата, на овој конгрес речиси и не наидоа на ехо.

Политички реформи - што е тоа?

Се‘ уште ќе се чека и на политичките реформи што ги бараат многумина. Премиерот Вен Џиабао во својата владина изјава нагласи дека уште

порешително ќе ги турка реформите во последната година од неговиот мандат, но експертите се единствени во ставот дека нема да има решителни чекори во тој правец.

Публицистот Бао Пу оценува дека изминатата деценија е „десет изгубени години“:

„Се работи за концентрација на моќта на Комунистичката партија, на еднопартискиот систем. Тоа мора да се промени. Во таа смисла, во изминатите десет години речиси и немаше вистински реформи. Постојано се зборува за реформи во владејачкиот систем, но тоа се само реформи на административниот апарат.“

Автор: Хаје Цао / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски