1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Кина бара источна порта кон Европа

Лидерите на земјите од Централна и Источна Европа полни со надеж приоѓаат на средбата со кинескиот премиер Кечијанг во Букурешт. Економскиот форум во романскиот главен град треба многу да ги поттикне меѓусебните односи.

Шеснаесет шефови на држави или на влади од Централна и Источна Европа, еден кинески премиер и 1000 претставници на стопанството, од кои 300 од Кина. Долга листа на желби за проекти тешки милијарди, кои треба да бидат потпишани на Форумот и кои треба да бидат финансирани со кинески пари. Почеток на една успешна приказна, велат домаќините на овој трет ваков форум, кој денеска (26.11) се одржува во Букурешт. Претходните форуми Кина - Централна и Источна Европа се одржаа во Будимпешта (2011) и Варшава (2012 година).

Кинеските пари значат многу

И во Пекинг ѝ се придава големо значење на средбата. На интернет страницата на кинеското Министерство за надворешни работи во класичен дипломатски тон се вели дека посетата на премиерот Ли Кечијанг е показател за подобрувањето на односите меѓу Кина и регионот. А официјалниот кинески печат дополнува дека централно и источноевропските држави, слично како и Кина, минале низ фаза на транзиција и економска консолидација така што на дијалогот ќе преовладуваат заеднички и комплементарни теми. Партнерите во Централна и Источна Европа посакуваат засилени кинески инвестиции, за побрзо да излезат од сивата зона на продолжената транзиција, која е дополнително проникната од глобалната економска криза. За првата можна финансиска инјекција беше дискутирано со поранешниот кинески премиер Вен Џиабао на претходниот заеднички економски форум во Варшава.

Hauptverkehrsstraße in Bukarest

Букурешт

Конкретно станува збор за кредитна линија во вредност од 10 милијарди евра која Пекинг би ја ставил на располагање за инфраструктурни, еколошко-технички и проекти за модерни технологии.

Според романскиот онлајн портал cursdeguvernare.ro, обемот на трговската размена меѓу Кина и 16-те екс-комунистички држави во периодот 2000-2010 од три пораснал на 40 милијарди евра. Но, со тоа потенцијалот за раст на размената ни од далеку не е достигнат. Вкупната трговска размена имено е еднаква како онаа меѓу Кина и Италија. Кинеските инвестиции во регионот се помали од оние на Пекинг во Шведска. 16-те споменати земји инвестираат во Кина помалку од Австрија, сама.

Лутина во Брисел?

За Карел де Гухт, еврокомесарот за трговија, кинеското напредување во Европа не е безопасно. На последниот самит ЕУ-Кина, тој изјави дека Кина ги изигрува европските држави едни против други: „Имаме обврска да ги браниме нашите интереси“, изјави Де Гухт на самитот Кина-ЕУ минатата недела во Пекинг. Претходн,о весникот „Фајненшл Тајмс“ цитираше анонимен европски дипломат кој економскиот форум во Букурешт го означи како дел од стратегијата на Кина да предизвика поделби во ЕУ за на крајот да „ја освои“ Европа.

Јустина Шчудлик-Татар од полскиот Институт за меѓународни односи (ПСИМ) во интервју за ДВ истакнува дека мотивот на Кина е чисто економски и потекнува од фактот дека Пекинг го поврзува долга традиција со 16-те поранешни комунистички земји од Централна и Источна Европа. „Кинеските политичари кои ги сретнав, сметаат дека односите меѓу Кина и земјите од регионот се далеку помалку определени од политика од оние меѓу Кина и ЕУ севкупно“, вели полската експертка.

Ставот на Брисел е резултат на спорот во рамките на ЕУ, смета романскиот политиколог Клаудиу Дегерацу од Центарот за безбедносни анализи и превенција во Прага. Тоа е практично обид на некои земји од ЕУ да го насочуваат европско-кинескиот дијалог. „Во реалноста воопшто не постои ризик од стратегија 'подели па вледеј' од страна на Пекинг“. Пример за тоа се широко отворените врати за кинески и јужнокорејски фирми од државите од Вишеградската група (Унгарија, Чешка, Полска и Словачка), „што не доведе до економска инвазија во ЕУ“, вели овој експерт.

Шеснаесетте држави кои учествуваат на форумот се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Хрватска, Летонија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словенија, Словачка, Чешка и Унгарија. Од 2012 година во кинеското министерство за надворешни работи постои посебен секретаријат за соработка со регионот на Централна и Источна Европа. Тоа, според политикологот Јустина Шчудлик-Татар, е јасен показател дека Кина уште појасно од досега ги следи своите интереси во овој дел на Европа.