1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Киев: Протести и гласање доверба на владата

Во Киев повеќе илјади луѓе ги продолжија протестите против владата, извршувајќи нова блокада на владиниот кварт. Во Парламентот денеска треба да се гласа за доверба на премиерот Микола Азаров.

Опозиционите политичари, меѓу кои и светскиот првак во бокс, Витали Кличко, се оптимисти пред денешното гласање доверба за владата во Парламентот. Тие се уверени дека ќе се соберат доволно гласови за заминување на премиерот Микола Азаров. Тој пак ја спореди ситуацијата во Киев со државен удар.

„Тоа ги има сите индиции на државен удар, тоа е многу сериозна работа. Ние покажуваме трпение, но би сакал нашите партнери да не мислат дека е сѐ дозволено“, изјави Азаров на средбата со амбасадорите на ЕУ, на Канада и на САД.

Азаров посочи дека во Украина се блокираат зградите на државните институции, дека државните службеници не можат да одат на работа, не можат да ги исполнуаат основните функции и оти тоа ќе влијае врз исплатата на плати и пензии. Украинската влада бара од опозицијата да ги деблокира зградите на државните установи за да се обнови нормалното одвивање на работата. Поради ситуацијата Азаров побара од странските амбасадори да ја повикаат украинската опозиција мирно да протестира без да употребува сила.

„Подобро лош мир, отколку добра војна“

И украинскиот претседател Виктор Јанукович повика вчера протестите да бидат мирни, апелирајќи кон полицијата и демонстрантите да ги почитуваат законите.

„Подобро лош мир, отколку добра војна“, изјави тој во телевизиско интервју. Тоа е првиот коментар на Јанукович за масовните протести преку викендот и наглиот пресврт што го направи од Европа кон Русија.

Опозиционата политичарка и поранешна украинска премиерка, Јулија Тимошенко, која се наоѓа во затвор, ја повика ЕУ да ја поддржи украинската опозиција. Западот не смее да ја толерира авторитарната политика на претседателот Виктор Јанукович, вака нејзината ќерка Евгенија ја цитираше пораката на Јулија Тимошенко, која од пред неколку дена штрајкува со глад поради тоа што претседателот Јанукович го стави на мраз Договорот за асоцијација со ЕУ и се сврте кон Русија.

Путин ги осуди протестите

Рускиот претседател Владимир Путин пак ги осуди протестите во Украина против одлуката на Киев да не го потпише Договорот за асоцијација со ЕУ и да се доближи кон Русија.

„Настаните во Украина повеќе личат на погром, отколку на револуција. Тоа нема многу заедничко со односите на Украина со ЕУ“, изјави Путин во Ерменија, каде се наоѓа во посета.

„Опозицијата во Украина или не разбира што се случува или е политичко покритие на екстремистички активности“, истакна Путин, како што пренесува ИТАР-ТАСС. Според Путин, Русија сепак смета дека ситуацијата во Украина ќе се нормализира и украинското државно раководство и украинскиот народ сами ќе го определат патот.

„Сакам да истакнам дека каков и да биде изборот на украинскиот народ, ние ќе се однесуваме кон него со почит“, изјави рускиот претседател. Тековните протестни акции во Киев не се насочени кон денешниот ден, туку кон изборите во 2015 година, тврди Путин.