1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Киднапирани тројца роднини на ирачкиот премиер Ијад Алави

Исламска милитантна група ја презеде одговорноста за киднапирањето на тројцата роднини на ирачкиот премиер на привремената влада Ијад Алави, кој пред два дена ја нареди офанзивата на ирачкото бунтовничко упориште Фалуџа. Милитантите се закануват со убиства и бараат итно да престане акцијата, а американската војска и ирачките безбедносни сили веќе контролираат 70% од градот.

,, Доколку за 48 часа владата не ја прекине офанзивата врз Фалуџа, ќе ги обезглавиме заложниците, се вели во заканата на милитантната група Ансар ал Џихад, објавена на една интернет страница.

Потртпарол на привремената ирачка влада претходно потврди дека утрината од куќата во Багдад биле киднапирани сопругата на ирачкиот премиер, негов братучед и уште еден роднина од семејството на Алави. Во меѓувреме, американските маринци соопштија дека офанзивата врз Фалуџа напредува и дека доколку акциите продолжат со истиот интензитет градот ќе биде ослободен наредните 48 часа, а ќе бидат потребни уште десетина дена за да се исчистат бункерите на бунтовниците, кои зад себе оставаат рачно направени експлозиви и друга воена техника. Во некои куќи во ослободените делови на градот, според армиски извори, се уште има вооружени снајперисти.

,, Во Фалуџа повторно ќе ја вратиме легитимната контрола на ирачката влада. Како што рече премиерот Алави, терористите од градот го одбија предлогот за мирно решение, а нивното отстранување е неопходно за безбедноста на ирачаните,, изјави претходно американскиот воен генерал Томас Метц, додавајќи дека во Фалуџа останало само мал број од населението.

Сепак агенциите јавуваат за цивилни жртви во офанзивната акција, меѓу кои и деца, но бројки не можат прецизно да се утврдат. Во градот продолжуваат воздушните напади на сојузничките сили, кои уште утрината го зазедоа центарот на ирачкото бунтовничко упориште. Некои агенции јавија и дека најбараниот милитант Мусаб Ал Заркави, веќе ја напуштил Фалуџа.

Пентагон пак, соопшти дека во досегашните борби за освојување на градот, кои имаат за цел воспоставување конечен мир во Ирак пред јануарските избори, загинале 11 американски и двајца ирачки војници. Во меѓувреме, бунтовниците се заканија со низа терористички напади во земата како одмазда за жестоката офанзива во Фалуџа.

Во Самара, од експлозија на бомба поставена на пат, загина еден ирачки полицаец, а двајца се повредени.