1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Киднаперот од Охајо се самоуби во затвор

Американецот кој беше осуден на казна доживотен затвор поради киднапирањето и малтретирањето на три жени во период од 10 години е пронајден обесен во својата затворска ќелија.

Ариел Кастро, кој на 1 август беше осуден на доживотен затвор за киднапирањето, силувањето и измачувањето на три жени и нивно држење во заробеништво во својот дом речиси една деценија, се самоубил, соопштија затворските власти во американската сојузна држава Охајо. Кастро (53) е пронајден вчера обесен во неговата ќелија. Тој бил под посебен надзор и одвоен од останатите затвореници во затворот.

Трите жени исчезнаа одделно во периодот меѓу 2002 и 2004 година, кога биле на возраст од 14, 16 и 20 години. На 6 мај една од нив успеа да ја скрши една од вратите во домот на Кастро во Кливленд и да побара помош од соседите. Ариел Кастро беше уапсен истата вечер.

Кастро ги држел затворени жените речиси 10 години во кафези во неговиот дом. На судењето тој ги призна речиси сите обвиненија, со што се спаси од смртна казна, но беше осуден на доживотен затвор без можност за помилување.

Локалните власти соопштија дека во домот на Кастро, веднаш по неговото апсење, биле пронајдени проштална порака и признание за сторените дела.