1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Кери: Политичката криза би можела да ги ослабне САД

Американскиот државен секретар Џон Кери предупреди дека продолжената политичка криза во Вашингтон може да ги ослабне САД на глобално ниво.

„Ако ова се пролонгира или се повторува, луѓето ќе почнат да ја ставаат под прашање подготвеноста на САД да останат на својот курс, како и нивната способност. Јас се надевам дека тоа нема да се случи“, изјави Кери пред новинарите на Форумот за азиско-пацифичка економска соработка во Индонезија.

Кери додаде дека ова е „моментална епизода“, која ќе помине. Тој го замени претседателот Барак Обама на форумот, бидејќи американскиот претседател ја откажа турнејата низ Азија, поради ќорсокакот со кој се соочи владата во Вашингтон.

„Немојте да ја помешате оваа моментална епизода во американската политика со нешто повеќе од момент во политиката. Ова е пример за робусноста на нашата демократија“, додаде американскиот државен секретар.

Администрацијата во САД остана делумно затворена пет дена и i натаму нема знак за крај на ваквата ситуација. Политичката криза може уште повеќе да се влоши, бидејќи во земјата треба да се расправа и за зголемување на задолжувањето на земјата.

US Präsident Obama Rede in Washington

Обама сака да преговара, но не под уцена

Основните функции на американската влада, како националната безбедност и контролата на авионскиот сообраќај продолжија да функционираат, но стотици илјади работници од администрацијата на федерално ниво останаа дома и нема да добијат пари за минатите денови. Американскиот претседател Обама, кој доаѓа од редовите на демократите, изјави дека е подготвен да преговара со републиканците, но нагласи:

„Не можеме тоа да го правиме со пиштол на глава на американскиот народ. Не може да се ’победи’ ако семејствата се во неизвесност дали ќе добијат плата или не“.

Проблемот настана во вторникот, кога Претставничкиот дом, во кој мнозинство се републиканците, одби да одобри предлог закон за финансирање на владата, доколку во него не бидат вклучени одредби за пролонгирање на спроведувањето на законот за здравствена заштита, кој е проект на американскиот претседател.